По шест недели пад, минимално зголемување на цената на бензините во земјава

(Фото: finance.bigmir)

Регулаторната комисија донесе одлука од ноќеска на полноќ да се изврши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во прoсек за 2,49 отсто во однос на малопродажните цени на нафтените деривати утврдени на 6 април. Ова зголемување на цените на нафтените деривати доаѓа по нивниот шестнеделен континуиран пад како последица на „нафтената војна“ меѓу Русија и Саудиска Арабија, која доведе до зголемување на понудата на нафта наспроти глобалната пандемија на корона вирусот, која пак предизвика опаѓање на побарувачката на светскиот пазар.

Од 14 април, малопродажната цена на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 денари/литар и со тоа малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе изнесува 48,50 денари за литар, додека малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе изнесува 50,50 денари за литар.

Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) не се менува, односно ќе се продава по 45,00 денари за литар на бензинските станици низ земјава. Малопродажната цена на екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се намалува за 0,50 денари/литар и ќе изнесува 33,00 денари за литар.

Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува за 2,136 ден/кг и од ноќеска на полноќ ќе се продава по цена од 20,106 денари за килограм.

„Во изминатиот седумдневен период референтните цени на нафтените деривати бележат зголемување и тоа кај бензинот во просек за околу 4,437 отсто, кај дизелот зголемувањето е во просек за околу 1,366 отсто, кај екстра лесното масло има намалување во просек за околу 3,327 отсто и кај мазутот се регистрира зголемување во просек за околу 19,178 отсто“, се наведува во соопштението на Регулаторната комисија за енергетика.

Во исто време, курсот на денарот во однос на доларот во изминатиов седумдневен период е зголемен за 1,125 отсто.

Очекувањата се дека во наредниот период ќе дојде до зголемување на цената на нафтените деривати, поаѓајќи од договорот на Русија и Саудиска Арабија за намалување на производството на нафта за околу 20 отсто до крајот на јуни годинава, додека производството тие ограничено ќе го зголемуваат до април 2022 година. Како последица на овој договор меѓу земјите-членки на ОПЕК предводени од Саудиска Арабија и на ОПЕК+ предводени од Русија, вкупното производство на нафта во светот се очекува да се намали за 15 отсто. Американскиот претседател Доналд Трамп се заблагодари на постигнатиот договор, посочувајќи дека истиот ќе овозможи во САД да се зачуваат илјадници работни места во нафтената индустрија.