Отворена изложба посветена на реките – „Животи обликувани од вода“ [галерија]

„Животи обликувани од вода“, ја открива сложеноста на нашиот однос со реките и ги документира врските меѓу луѓето и реките, и е дел од иницијативата „Заедно за реките“, која има за цел да заштити повеќе од 400 километри реки низ нашиот регион

Фото: Филип Лафазановски

Под мотото „Животи обликувани од вода“ во Културно-информативниот центар во Скопје беше отворена изложба на седумина фотографи од Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, С. Македонија, Словенија и Србија, кои преку својот фото-објектив ја доживеале улогата на реката во природата и во животот на човекот.

„Животи обликувани од вода“, ја открива сложеноста на нашиот однос со реките и ги документира врските меѓу луѓето и реките, и е дел од иницијативата „Заедно за реките“, која има за цел да заштити повеќе од 400 километри реки низ нашиот регион.

„Културата е медиумот низ кој можеме и треба да ги комуницираме прашањата од областа на заштитата на животната средина, а резултат на тоа се дела на повеќе фотографи кои излегоа крај реките во своите земји и ја истражија врската меѓу луѓето и водата“, рече Ѓорѓи Митревски од „Еко свест“.

Игор Вејновиќ од The Nature Conservancy посочи дека иницијативата „Заедно за реките“ се реализира преку шест еколошки организации во пет земји во регионот, и  има цел трајно да ги заштити највредните реки во регионот. Тој посочи дека регионот е жариште на биодиверзитет поврзан со слатководните еко системи, кои треба да се заштитат, но една од целите на иницијативата е и да се вратат луѓето покрај реките.

Иницијативата ја покрена меѓународната организација за заштита на природата The Nature Conservancy, а партнери се „Еко-свест“ од Македонија, Центарот за заштита на животната средина од Бања Лука, здруженијата „Динарика“ и „Нови вал“ од Босна и Херцеговина, „Еко-тим“ од Црна Гора и еколошкото друштво „Рзав“ од Србија.

Во рамките на оваа иницијатива, „Еко-свест“ во соработка со општината Демир Капија и Министерството за животна средина и просторно планирање ја започна постапката за репрогласување на клисурата Демир Капија за заштитено подрачје, со што ќе се обезбеди активна заштита на дел од долното течение на реката Вардар и нејзините чисти и недопрени притоки.