Отворен повикот за социјално претприемништво за младинско вработување

Во рамки на проектот „Социјално претприемништво за младинско вработување“, Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) отвори повик за финансиска поддршка на социјални претпријатија, кој има за цел да го зголеми квалитетот на младите лица во земјава преку нивно активирање во инклузивни социјални услуги, развој на иновативни технологии за инклузија на млади лица од ранливи категории и да поттикне економско зајакнување на социјални претпријатија предводени од млади.

Од НМСМ велат дека очекувани резултати од финансиската поддршка се намалување на стапката на невработеност на младите лица, зголемување на бројот на инклузивни даватели на социјални услуги водени од млади и зголемена проодност на ранливи категории на млади на пазарот на труд.

Предвидено е да се обезбеди финансиска поддршка за апликации кои ќе се фокусираат на една од следните две области: Креирање на нови младински социјални претпријатија и Развој на иновативни технологии и унапредување на услуги/сервиси на постоечки социјални претпријатија кои помагаат за инклузија и вработување на млади Роми, млади без родителска грижа, млади со попречености, млади девојки и млади – излечени зависници од дрога.

Вкупната сума за овој повик е 110.000 евра. Минималната сума која може да биде побарана е 5.000 евра, а максималната сума која може да биде побарана е 11.000 евра.

Пријавата за овој повик за оние кои сакаат да аплицираат за првата област, достапна е на следниот линк, додека преку овој линк може да се аплицира за втората област.

Пријавите се доставуваат најдоцна до 10 септември 2022година, до 16 часот, на следната адреса: [email protected].