Отворен повик за учество во школата за млади лидери

Фото: Кабинет на д-р Ѓорѓе Иванов

Од Кабинетот на поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов информираат дека е отворен конкурсот за учество на Меѓународната обука за млади лидери што оваа година ќе се одржи по 13-ти пат.

Годинава темата на школата ќе биде „Морално лидерство“. Обуките ќе се организриаат комбинирано, онлајн и со физичко присуство и истите ќе се одржат во периодот од 16 до 30 септември. Предавањата за истата ќе се одвиваат на македонски и на англиски јазик.

„Програмата е намената за млади луѓе со завршено високо образование до 35 години, дипломирани студенти и професионалци со работно искуство. Се очекува учесниците да имаат желба континуирано да ги развиваат и усовршуваат нивните лидерски вештини и да придонесуваат за позитивен развој на општеството и околината во која живеат и работат. Обуката опфаќа предавања од предавачи од земјата и од странство кои ќе споделат искуства и знаења кои би ги поттикнале учесниците да размислуваат
аналитички и да креираат заеднички решенија за предизвиците со кои се соочуваат, како и интерактивно да се вклучат на предавањата“, се вели во соопштението од Кабинетот.

Оттаму велат дека бројот на учесници е ограничен, а право на учество имаат сите млади кои ги исполнуваат условите наведени во конкурсот.

Повеќе информации околу конкурсот може да се најдат тука, а апликацијата се врши тука.

Меѓународната обука за млади лидери на проф. д-р Ѓорге Иванов традиционално се одржува од 2010 година. Во досегашните 12 обуки учествуваа околу 480 млади луѓе од целиот свет со различен академски и професионален фокус.