Опрема за безжичен и безбеден пристап до дигитални образовни ресурси за 40 училишта

Од МОН велат дека во училиштата се поставуваат безжични пристапни точки преку кои ќе се овозможи интернет пристап во сите училници, кабинети, канцеларии, спортски сали и придружни објекти, а паралелно се поставуваат и заштитни firewall- уреди

Фото: Мета.мк

Четириесет основни училишта во државата добиваат современа опрема за безжичен и безбеден пристап до дигитални образовни ресурси. Опремата е набавена преку проектот на Министерството за образование и наука за унапредување на основното образование кој е финансиран со средства од Светската банка, информираат од МОН.

Оттаму додаваат дека во училиштата се поставуваат безжични пристапни точки преку кои ќе се овозможи интернет пристап во сите училници, кабинети, канцеларии, спортски сали и придружни објекти, а паралелно се поставуваат и заштитни firewall- уреди, кои гарантираат безбеден пристап, со тоа што истите се приклучени на централен систем за управување во МОН кој го контролира пристапот до содржините на интернет, оневозможувајќи отворање на веб сајтови што на глобално ниво се означени како страници со несоодветна содржина.

„Активноста е дел од заложбите за забрзување на процесот на дигитализација на образованието, како глобален тренд кој овозможува бројни придобивки за граѓаните, ја подигнува флексибилноста на воспитно – образовниот систем и најважно, ги заштитува учениците од влијанието на несоодветни содржини“, велат од Министерството.

Претходно, во текот на годинава, за повеќе училишта МОН набави и нови персонални и преносни компјутери, смарт табли, 3Д скенери, печатари, проектори, системи за складирање и управување со податоци и сл.