Нови 156 заразени пациенти од ковид-19, од кои дури 100 се во главниот град

Екипи на Службата за итна медицинска помош одат во домашна посета кај заболени од ковид-19 | Фото: Арбнора Мемети

Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 1.227 тестирања, а регистрирани се 156 нови случаи на ковид-19, при што најголем од новозаразените пациенти се од Скопје. Освен тоа, Институтот за јавно здравје регистрира и 27 оздравени пациенти, како и шестмина починати лица.

На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби починати се две лица од Скопје, пациентка на 70 години, хоспитализирана на 16 јуни и пациентка на 76 години, која на 10 јуни била примена на клиниката. На Клиниката за нефрологија почината е пациентка од Скопје на 74 години и на Институтот за белодробни заболувања и ТБЦ почината е пациентка од Скопје, исто така, на возраст од 74 години. Во ГОБ „8 Септември“ почина пациентка од Тетово на 66 години, примена во болницата на 14 јуни. Во КБ Тетово почина пациент на возраст од 71 година, хоспитализиран на 16 јуни.

„Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 4.820, бројката на оздравени пациенти е 1.863, на починати е 222, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 2.735. Досега во земјата се направени вкупно 49.020 тестирање на ковид -19“, информираат во министерството.

Во рамките на скринингот се направени 31 тестирања во градинки во Штип, нема позитивен резултат на ковид-19. На Инфективната клиника во изминативе 24 часа примени се 13 пациенти. Вкупно се хоспитализирани 99 пациенти. На кислородна поддршка се 46 пациенти, нема пациенти на механичка вентилација. До утрово, во ГОБ „8 Септември“ примени се 16 нови, а вкупно хоспитализирани се 126 пациенти. На респираторна машина се 7, a со потешка клиничка слика се уште 36 пациенти.

Во болницата во Битола се хоспитализирани 30 пациенти, а во болницата во Штип се хоспитализирани 19 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово и Прилеп се хоспитализирани 72 пациенти – позитивни и сомнителни на ковид-19.