НМСМ со повик за обука на млади на теми поврзани со претприемништво

„Главна цел на обуките е да се намалат и неутрализираат предизвиците со кои младите се соочуваат во нивните обиди да основаат сопствено социјално претпријатие, а истите ќе им помогнат и во нивниот професионален раст и развој“, велат од Националниот младински совет на Македонија

Илустрација: НМСМ

Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) распиша повик за обуки во рамки на проектот „Социјално претприемништо за младинско вработување“, кои се поделени во три програми – за меки вештини, за претприемништво и за прибирање средства и комуницирање со заедницата.

Од НМСМ информираат дека обуките се наменети за млади невработени лица или млади лица вработени во социјални претпријатија.

„Главна цел на овие обуки е да се намалат и неутрализираат предизвиците со кои младите се соочуваат во нивните обиди да основаат сопствено социјално претпријатие, а истите ќе им помогнат и во нивниот професионален раст и развој“, се вели во соопштението.

Преку обуките за меки вештини младите треба да развијат вештини како комуникација, лидерство, тимска работа, професионални вештини, ИТ меки вештини, итн. На обуките за претприемништво младите ќе се стекнат со потребните знаења за основање и управување со сопствено социјално претпријатие, како развој на бизнис план, запознавање со законските и административните одредби за започнување и управување со социјално претпријатие, управување со човечки ресурси и вмрежување.

Обуките за прибирање средства и комуницирање со заедницата, пак, треба да ги насочат младите како успешно да водат кампања за прибирање финансиски средства за нивното социјално претпријатие и како да комуницираат со нивната заедница и целна група.

Заинтересираните кандидати за обуките можат да се пријават на овој линк.

Проектот „Социјално претприемништо за младинско вработување“ го спроведува Националниот младински совет на Македонија – НМСМ, со финансиска поддршка од Европската Унија. Преку различни активности, проектот обезбедува можности за градење на капацитетите на невработените млади лица, a истовремено ги води низ процес на саморазвој и раст во полето на социјалното претприемништво, како модерен начин на самовработување.