Нема да се учат интегрирани предмети во основно, Јаневска ќе ја менува Концепцијата

Министерката рекла дека преку анкета ќе ги праша наставниците „Дали е потребно да се укине хартиениот дневник“, а хартиениот дневник веќе неколку години воопшто не се употребува во наставата

Photo by Taylor Flowe on Unsplash

Одредени аспекти на Концепцијата за основно образование ќе претрпат измени, затоа што ниту наставниците, ниту учениците и родителите не се задоволни од имплементацијата и постигнатите ефекти, оценува новата министерка за образование и наука, весна Јаневска.

Таа се сретнала со директорот на Бирото за развој на образованието, Абдулфета Фетаи, со кој дискутирала за образованието.

„Планираме историја, географија, граѓанско образование и други предмети повторно да се изучуваат како одделни предмети, а не како во моментов да бидат фузирани и да се создава конфузија кај наставниците и учениците кои навистина секојдневно се прашуваат по кој предмет имаат час. Материјата мора јасно да биде разграничена, како што е пракса и во најголем дел од земјите во Европа и пошироко“, рекла Јаневска.

Фетаи и Jаневска зборувале и за употребата и прoблемите при користењето на постојниот е-дневник, како и за придобивките од новиот кој уште не е применет.

Министерката рекла дека преку е-анкета ќе ги праша наставниците, како што вели, „дали е потребно да се укине хартиениот дневник“, иако хартиениот дневник веќе неколку години воопшто не се употребува во наставата.

Најавите на Јаневска за промени, најверојатно ќе значат укинување на некои од новините кои во рамки на Концепцијата ги воведе екс министерката за образование, Мила Царовска.

За Концепцијата имаше бурни реакции во јавноста, а откако започна да се применува, беше утврдено дека децата покритички размислуваат, но, и дека недостасува опрема во училиштата.

„Поголемиот дел од времето учениците го поминуваат во редовна настава по задолжителните и изборните предмети (оние од 1. до 5. одделение во просек до 3,5 часови дневно, а оние од 6. одделение, во просек до 4,5 часови дневно). Остатокот од времето е наменет за одмори меѓу часовите), а дел е наменет за активности што се структурирани и организирани од наставниците или од училиштето во вид на одделенски час, дополнителни или додатни активности поврзани со наставата или со воннаставни активности, какви што се хор, оркестар, спортски клуб, подготовка на театарска претстава, еколошки и хуманитарни акции“, наведено е во документот кој го направиле советници во Бирото за развој на образованието (БРО).