Image by Sasin Tipchai from Pixabay

Министерството за здравство информира дека утрово на Клиниката за урологија биле експлантирани (извадени) два бубрега од 46-годишен пациент, кај којшто вчера била потврдена мозочна смрт, ќе бидат трансплантирани (пресадени) за да ги спасат животите на двајца пациенти на дијализа.

– Во моментов, во тек е првата трансплантација на бубрег кај 35-годишна девојка која веќе неколку години е на дијализа, по што ќе следи и втората трансплантација. За жал, овој пат немавме соодветен примател на срцето и тоа нема да биде трансплантирано. Се заблагодарувам на семејството на донорот, кое во моментите на најголема болка одлучи да ги донира органите и да спаси уште најмалку два животи. Да се донесе одлука да се даруваат органите на блискиот во моментите кога го губите засекогаш, е тешко. Потребно е многу сила, многу љубов и хуманост да мислите на нечиј туѓ живот кога го губите саканиот. Луѓето кои носат вакви одлуки се посебни. Бескрајно сме им благодарни што уште еднаш ни покажаа дека живот сепак може да се подари – изјави министерот за здравство Венко Филипче.

Ова е втора кадаверична трансплантација (од починат дарител) и четврта од жив дарител годинава.

На 23 мај од починат донор се трансплантираа срце и бубрези. Претходно имаше уште четири трансплантации на бубрези од жив донор.