Мрачниот свет на православните инфлуенсери: „Демократијата е алатка на сатаната“

Користејќи ги меме-културата, нивните сопствени интернет-страници и социјалните мрежи како Твитер, Инстаграм и Јутјуб, православните инфлуенсери секојдневно допираат до десетици илјади луѓе

фото: dimitrisvetsikas1969 на Pixabay

„Демократијата е алатка на сатаната која е усовршена од Евреите и нивните родољубиви сојузници во тајните друштва за да преземат контрола над нациите, притоа дозволувајќи им на граѓаните да чувствуваат дека имаат избор во таа работа, држејќи ги послушни и неми“. Ова се зборови напишани од американскиот алтернативно-десничарски блогер и православен фанатик Руш Вализде, објавува „Јуроњуз“.

Во неговите неконтролирани антисемитски написи на Интернет, кои ја поддржуваат класичната теза дека Евреите управувале со светот, тој зборува за „некогашниот христијански Запад трансформиран во состојба на еврејска порнографска канализација“.

Тој во своите објави постојано зборува како милиони луѓе од западниот свет ги продале своите души за „удобност, пари и секс“.

Во една од неговите блогерски објави, Вализде пишува:

„Американската „морална болест“ е во завршна фаза. Бумерите се зафатени со броење на своите пари, Генерација Х се обидува да ги спречи нивните 2,1 деца да станат геј, Милениумците ја отворија Пандорината кутија за дегенерација…и Зумерите можеби нема да можат да го задржат својот мозок недопрен од изложување на хардкор порнографија на осумгодишна возраст“.

Рош В. е само еден од неколкуте радикални православни инфлуенсери на Интернет. Како што пишува „Јуроњуз“, православното христијанство во САД е многу сложена религиозна сцена, при што секој инфлуенсер има свој посебен бренд.

Доцентот по религија и антропологија на американскиот Североисточен Универзитет, Сара Рикарди-Сварц, во изјава за „Јуроњуз“ вели дека историски, православието, од вера на имигрантите од Источна Европа, сега се влече надесно поради зголемената група „домашни преобратници“.

„Тие се поистоветуваат со етикети како традиционалисти, Америка на прво место (America First), патриоти или монархисти. Користат секакви различни политички описи. Но, една од работите што им е заедничка е тоа што во голема мера се крајно десничарски. Тие на некој начин завршија со американската демократија“, вели доцентот Рикарди-Сварц.

Многумина предизвикуваат незадоволство во верските заедници, при што главните црковни водичи и десничарските политичари овозможија општеството да им сврти грб на религијата и моралот.

Користејќи ги меме-културата, нивните сопствени интернет-страници и социјалните мрежи како Твитер, Инстаграм и Јутјуб, православните инфлуенсери секојдневно допираат до десетици илјади луѓе.

„Она што ги привлекува луѓето конкретно кон Православието е што тие го гледаат како вера која е непроменета, вера која се задржала на традиционалните родови улоги, форми на патријархат и хиерархија. Тоа е навистина привлечно за заедница која чувствува дека општествените и родовите улоги брзо се менуваат“, коментира Рикарди-Сварц.

Многу екстремно десничарски православни разговори со инфлуенсерите се фокусираат на тоа што значи да се биде маж во современото општество, а нивните слушатели се претежно млади, високообразовани мажи, кои потекнуваат од високата средна класа, појаснува доцентот.

Таков пример е 30-годишниот Дејвид Патрик Хари, кој е основач на таканаречената „Црква на вечниот логос“ (Church of the Eternal Logos).

Во своите соголени преноси во живо, проследени со етерични религиозни химни, тој држи говори за „меносферата“ – термин за машки врховистички идеи и групи, а и неговиот Инстаграм профил следен од десетици илјади корисници, е мешавина од православни размислувања, видеа од теретани и сјајни цркви.

Во едно од видеата, тој дури го критикува контроверзниот инфлуенсер Ендру Тејт како пример за морално неугледни мажи кои се „материјалисти“ и „хедонисти“.

„Мажите се ѕидовите на замокот, жените и децата се накит внатре. Мажите треба да се засноваат на нешто за да бидат ѕид што ќе го спречи злото“, коментира Патрик Хари во едно од своите видеа.

Сепак, противречностите ги засенуваат пораките на некои православни инфлуенсери. Преовладувачка тема во некои од нивните содржини е критиката на капитализмот и како тој помогнал да се ослободат „злобните сили во општеството“. Сепак, според доцентот Рикарди-Сварц, многу од таквите инфлуенсери создале брендови, ја промовираат нивната содржина, нудат реклами и ги монетизираат своите видеа и поткасти, а често продаваат и свои производи.

Во својот текст „Јуроњуз“ пишува дека некои следбеници на ваквите инфлуенсери презеле „мрачни“ акции, како што се злоупотреба на групите што им се спротивставуваат, како и злоупотреба на критички настроените православни свештеници, откривајќи лични детали за нивните семејства.

Сиот овој радикализам создава јаз во црквата помеѓу помладите почетници и воспоставените моќи, од кои многумина се постари мажи кои малку ги разбираат дигиталните технологии, коментира Рикарди-Сварц.

„Редовно добивам е-пошта од постари етнички Руси и Грци и православни христијани од Источна Европа кои се многу загрижени за тоа како се менува нивната парохиска демографија. Не разбираат зошто кога одат на кафе, сега еден млад белец им вели дека ќе одат по ѓаволите ако не гласаат за Републиканската партија“, вели таа.