МОН: За два дена, десетина повици на електронската адреса за пријавување врсничко насилство

Дел од нив се однесувале на врсничко насилство, а имало и од поранешни професори, со сугестии како да се превенира и намали насилството меѓу децата и младите од училишна возраст, информираат од МОН

Фото: The image was posted on Pixabay by StartupStockPhotos

На eлектронските адреси [email protected] и [email protected] што ги отвори Министерството за образование и наука, изминатите два дена пристигнале 10-тина пораки, информираат од МОН. Дел од нив се однесувале на врсничко насилство, а имало и од поранешни професори, со сугестии како да се превенира и намали насилството меѓу децата и младите од училишна возраст.

„Со отворањето на електронската адреса, Министерството за образование и наука воспоставува брз, доверлив и безбеден начин, преку кој учениците, родителите и граѓаните можат да пријават инциденти, како дел од системот за идентификување и запирање на непосакуваните однесувања. Секоја пријава ќе се истражи и ќе се преземат соодветни мерки“, велат од МОН.

Од Министерството за образование и наука велат дека ќе ѝ предложат на Владата итна проценка на состојбите и безбедносните ризици, со цел намалување на сите можни ризици и закани за безбедноста на учениците и наставниците во училишна средина.

„Министерството веќе изработува протоколи и насоки за стручните служби на училиштата и наставниците, поврзани со употребата на социјалните мрежи во училишна средина. Во консултација со експертската заедница, дополнително ќе ги зајакнеме превентивните програми за борба против булингот, промовирајќи дијалог и ненасилство како клучни елементи во образованието и развојот на децата и младите“, известуваат од МОН и ги повикуваат и родителите да земат активно учество, „воспитувајќи ги своите деца на толеранција, ненасилство како и почитување и разбирање за различните од себе“.