МОН: Неисплатената финансиска поддршка за основците и средношколците ќе се исплаќа од утре

Мерката предвидуваше родителите на учениците во основното и во средното образование, кои имаат ниски примања, во период од шест месеци да добиваат по 1.200, односно 1.800 денари, секој месец

Родителите на дете во основно образование, кои се со ниски примања, требаше да добијат по 1.200 денари за еден месец. Фото: Мета.мк

Паричните надоместоци по основ на антикризната мерка за поддршка на семејствата на основци и средношколци која беше ветена, но нереализирана, ќе започнат да се исплаќаат од понеделник, соопшти денеска Министерството за образование и наука (МОН).

Од таму велат дека новата министерка за образование, Весна Јаневска, ги задолжила надлежните сектори да направат детален преглед на нереализираните финансиски обврски по секој еден ученик чие семејство ги исполнува условите и има поднесено апликација за остварување на ова право.

„Врз основа на доставениот извештај, се направи план со динамика на исплата која започнува од утре. Наместо краткорочни неквалитетни решенија, учениците и нивните семејства заслужуваат вистинска и континуирана системска поддршка за олеснување на воспитно – образовниот процес и за надминување на предизвиците со кои секојдневно се соочуваат последните неколку години“, се вели во соопштението на МОН.

Мерката предвидуваше родителите на учениците во основното образование и во средното образование, а кои имаат ниски примања, во период од шест месеци да добиваат по 1.200 денари, односно 1.800 денари, секој месец. Мета.мк веќе пишуваше за недоследната реализација на оваа мерка.

Инаку, од МОН најавуваат оти младите ќе бидат во фокус на политиките на новата влада, со зголемување на квалитетот на образованието и „можностите за реализација на личниот потенцијал во границите на својата земја“.

Meта факт: Владата само делумно ја оствари финансиската помош за родителите со ниски примања