МОН ги објави резултатите за ученички стипендии

Министерството за образование и наука (МОН) ги објави резултатите од конкурсот за ученички стипендии за учебната 2021/2022 година.

Резултатите се достапни на овој линк.

Објавени се списоците со ученици кои добиваат стипендија во повеќе категории – стипендии за социјална поддршка на ученици, стипендии за ученици со посебни потреби, за талентирани ученици, спортисти, уметници, оние запишани во дуални паралелки, како и стипендии за повеќе струки.

МОН ги информира учениците дека е потребно секој добитник на стипендија да го симне и пополни во три примероци соодветниот договор за стипендија и заедно со копија од лична трансакциска сметка да го достави до МОН најдоцна до 3 декември. Документите можат да бидат доставени и од друго лице во име на добитникот на стипендијата.

Одбиените кандидати, пак, ќе имаат можност да поднесат приговор до МОН на адресата бул. „Св. Кирил и Методиј“ бр.54, 1000 Скопје или преку електронската адреса [email protected], откако на домашна адреса ќе добијат решение во кое ќе биде наведена причината поради која апликацијата не е прифатена.

Од годинава во најголем дел од категориите на ученички стипендии кои се доделуваа досега, месечните износи се зголемени за околу 60 проценти, а воедно воведени се и нови категории, од кои, позначајни се оние за ученици кои ќе се запишат во дуални паралелки, во дефицитарни струки или пак во тригодишно средно стручно образование.