fbpx

Мизогинија со еден клик

Фондацијата Метаморфозис ги истражи врските помеѓу родот и говорот на омраза на интернет како и справувањето на властите со овие инциденти во Северна Македонија

-

На почетокот на 2024 година, судот во Битола ја донесе првата пресуда за говор на омраза против ЛГБТИ+ заедницата во Северна Македонија. Обвинетата беше прогласена за виновна за тешка дискриминација против лица од ЛГБТИ+ заедницата преку повеќекратни коментари на Фејсбук. Заедницата ја гледа оваа прва пресуда како успех во својата долготрајна борба против дискриминацијата. Сепак, правната состојба на говорот на омраза во Северна Македонија, особено онаа извршена на интернет и врз основа на родови карактеристики, останува неодредена.  

Омразата преку социјалните мрежи погодува многу луѓе, особено оние во очите на јавноста, без разлика дали се политичари/ки, новинари/ки или инфлуенсери/ки. Иако Советот на Европа и Обединетите нации поставија рамка за борба против говорот на омраза ширум светот, општа дефиниција за овој феномен сè уште недостасува. Затоа, различни земји различно се справуваат со омразата на интернет: САД го нагласуваат уставното право на слобода на изразување, додека Европа презема посилни мерки против говорот на омраза додека истовремено ја штити слободата на говорот.  

 

Жените како мета на омраза на интернет  

Жените се особено честа мета на родова омраза преку интернет. Фондацијата Метаморфозис ги истражи врските помеѓу родот и говорот на омраза на интернет како и справувањето на властите со овие инциденти во Северна Македонија. Родово базираниот говор на омраза на онлајн платформите е особено насочен против новинарките, активистките и политичарките. Но, дури и во живо, жените на јавни функции се изложени на лавина од пцовки, закани, навреди и клевети. На овој начин, на политичките личности како градоначалничката на Скопје Данела Арсовска и тогашната министерка за одбрана Славјанка Петровска им се ускратува нивниот авторитет и легитимитет. Новинарките поради нивното известување исто така често се жртви на омраза. Тања Милевска, која работи како дописник од Брисел за македонската новинска агенција МИА, ја погоди бура од навреди затоа што ја критикуваше владата. Мирослава Брнс, која моментално пишува за Слободен печат, беше клеветена поради написот во кој ги разоткри прекршувањата на новинарскиот кодекс. И академиците како Катерина Колозова и инфлуенсерките како Миа Костова не се поштедени од говор на омраза.  

Иако нивните јавни изјави предизвикуваат последователни напади, омразата кон овие жени обично не се базира на нивните изјави, туку на нивниот изглед. Срамот за телото, расизмот и мизогинијата ја демонстрираат сложената интерсекционалност на говорот на омраза против жените на интернет. Спротивно на тоа, нападите врз мажите се поврзани со нивната интелигенција или промискуитет. Фејсбук се покажува како главна платформа за онлајн говор на омраза бидејќи е и најкористената социјална мрежа во Северна Македонија.  

 

Говорот на омраза на интернет често поминува неказнето 

Mакедонскиот Устав недвосмислено декларира рамноправност на граѓаните во однос на нивните слободи и права, без разлика на пол, етничка припадност, националност, политичко или верско уверување, имотна или општествена положба. Додека традиционалните медиуми подлежат на јасна правна рамка, многу онлајн портали работат надвор од официјален надзор. Кривичниот законик и Законот за медиуми не содржат експлицитни одредби за говор на омраза на интернет, но членот 394 (г) од Кривичниот законик го криминализира ширењето на расистичка и ксенофобна содржина преку компјутерските системи. Сепак, недостигот на јасен запис во законодавството ја отежнува борбата против онлајн формите на говор на омраза и дискриминација.  

Попустливиот однос на судството се одразува и во фактот што условните казни се вообичаени во судските постапки во врска со говорот на омраза на интернет. Анализата на судските пресуди повикувајќи се на член 394(г) покажува дека случаите на злоупотреба на интернет често се поврзани со политичката припадност на жртвата, особено меѓу јавните службеници/чки. Дополнително, говорот на омраза врз основа на личниот или социјален статус е широко распространет. Некои случаи вклучуваат говор на омраза врз основа на религија, етничка припадност и возраст. Сепак, тогашната анализа покажа дека нема пресуди за говорот на омраза врз основа на пол или родов идентитет.  

Нецелосната дефиниција на говорот на омраза и несоодветното регулирање на онлајн медиумите го влошуваат проблемот и честопати дозволуваат сторителите да се извлечат неказнето. Засегнатите ретко ги пријавуваат овие инциденти. Анкетата на 103 испитаници покажува дека 65% биле жртви на говор на омраза или познаваат некого кој бил, но само 40% ги пријавиле инцидентите на државните институции или социјалните мрежи. Резултатите од пријавите се движеа од никакво дејство до отстранување на пораките и блокирање на пристапот до платформата за сторителите. Испитаниците го наведоа скептицизмот за ефективноста, ниската доверба во институционалните механизми и стравот од полициска корупција како причини за непријавување на инцидентите. Дополнително, дел признаа дека не знаат каде и како да ги пријават инцидентите. Овој јаз во комуникацијата ја нагласува потребата за поефективно ширење на информациите преку достапните ресурси и каналите за известување за ефикасна борба против говорот на омраза на интернет.  

Како дел од нашето истражување, прашувавме и адвокатски канцеларии и граѓански организации за зачестеноста на барање правна помош во случаите со говор на омраза на интернет. 42% од адвокатските канцеларии и две третини од граѓанските организации кои нудат бесплатна правна помош рекле дека никогаш не им била побарана помош во такви случаи. Најчесто помош во такви случаи во Скопје бараат вработени жени во возраст од 30 до 55 години. 

 

Да се подигне јавната свест  

Граѓанските организации се особено оние кои бараат кривична одговорност за онлајн сторителите и поголема административна контрола на платформите на социјалните медиуми. Тие исто така ги посочуваат предизвиците што ги носат лажните профили и ја нагласуваат потребата од кампањи за подигање на јавната свест. Сите овие напори за подигнување на свеста мора да ја земат предвид и родовата перспектива на говорот на омраза на интернет. За време на истражувањето, платформата за говор на омраза на македонскиот Хелсиншки комитет за човекови права покажуваше највисоко ниво на пријавени случаи во 2020 година. Особено за време на пандемијата COVID-19, говорот на омраза на интернет и пријавените случаи нагло се зголемија во Северна Македонија – исто така поради зголемувањето на активностите на интернет поврзано со пандемијата, зголемената дигитална поларизација и ниската дигитална писменост кај населението. Во годините потоа се бележи пад, бидејќи корисниците можеби се самоцензурираа за да избегнат контрареакции. Говорот на омраза насочен против ЛГБТИ+ заедницата, сепак, зачестува на настани како што е Парадата на гордоста.  

Во Северна Македонија, родово базираниот онлајн говор на омраза често ги влошува постојните предизвици за жените. Особено во патријархалните општества како Балканот, родово базираната омраза кон жените често се банализира. Во октомври 2022 година, Европската комисија посочи дека Северна Македонија треба да го подобри спроведеувањето на законите поврзани со говор на омраза и националниот акционен план кон спроведување на Истанбулската конвенција против насилството врз жените. Комисијата ги идентификуваше онлајн медиумските платформи како главен извор на дезинформации и говор на омраза. На крајот, Извештајот препорача кампањи за подигање на свеста кај засегнатите страни и јавноста.  

 

Да се креираат правни основи  

Во меѓувреме Кривичниот законик исто така претрпе измени. Од 2023 година нападите врз новинари/ки се казнуваат на сличен начин како и инцидентите против државни службеници/чки или адвокати/ки, за кои е предвидена затворска казна. Дополнително, проширен е опсегот на причини кои можат да ги направат луѓето жртви на криминал – онлајн или во реалниот живот. Тие сега ги вклучуваат и категориите пол, сексуална ориентација и родов идентитет. Сепак, справувањето со овие предизвици продолжува да бара подобрувања на правната инфраструктура и механизмите за одговорност за онлајн платформите.

Овозможувањето на жртвите да пријават инциденти и промовирањето на културата на дигитална одговорност се клучни чекори за борба против омразата на интернет. Непреземањето мерки не само што резултира со понатамошна штета на поединците, туку ја поткопува и довербата во дигиталните простори. 

 

Авторки: Мила Јосифовска Даниловска и Деспина Ковачевска

Текстот е преведен од германски јазик.

Оргиналниот текст е достапен на следниот линк: Info Europa 2/2024 – “Navigieren durch die Datenflut” – IDM 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Животна приказна за американскиот бизнисмен Фигерс, претставена како да е од С. Македонија

Објавата е манипулативна и не остава впечаток дека говори за животот на познатиот американски бизнисмен Фреди Фигерс. Истата е конструирана на таков начин што делува како да пренесува приказна...