fbpx

Менде ја брка мечката со рефлектори и со сирени и ја тужи на суд

-

Мечките од Баба Планина станаа сериозна закана за битолските пчелари. Во потрага по храна, често се гостат со кошници со мед, правејќи големи штети по пчеларниците. Пчеларите велат дека ниту сирените што ги ставиле покрај кошниците не ги спречуваат неканетите гости.

Деновиве, четврти пат оваа зима, настрадаа кошниците на пчеларот Менде Николовски, лоцирани кај Стрежевско Езеро.

Мечката влегла во пчеларникот со повеќе од 90 кошници, се нагостола со неколку  и направила голем неред.

– Од пред Нова година досега четири пати мечка ни влезе во пчеларникот. Ставивме ограда со плетена жица, ама тоа не е проблем за неа. Се гости со кошниците, ама прави и голема штета кога ги превртува кошниците, пчелите угинуваат на дождот и на студот –  вели Николовски.

По последниот напад, младиот пчелар веќе ставил рефлектор и сирена кои се вклучуваат на сензори за движење и по секој шум во заградениот простор на пчеларникот. Се надева дека барем некое време ќе биде на раат од кафеавите мечки.

За претходните влегувања и за шетите од мечката во неговиот пчеларник, тој веќе води судски спор, кој наскоро треба да заврши.

– Чекаме Апелација да се изјасни за штетата за претходните три влегувања на мечката. Кога дојде комисијата за да направи увид, според мерењето на трагите од шепите, најверојатно се работи за една иста мечка – вели Николовски.

Пчеларите од Битолско велат дека поради сè почестите напади на мечките, веќе е невозможно да се чуваат кошници во атарите на потпелистерските села, особено во Ниже поле, Драгош, стрежевскиот крај, па и во Демир Хисар. Исто така, пред некој ден, мечки нападнале пчеларник и  во месноста Чагор, предизвикувајќи штета од неколку илјади евра.

Оваа зима нема проблем со болести кај пчелите. Еден килограм мед се продава по 280 до 300 денари.

А.Б.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...