Манипулативен пост ја извртува вистината – Украина се брани од Русија и не војува за „ќеиф на Лондон“

Објавата во која се тврди дека Украина ја води војната против Русија заради ќефовите на Лондон и дека Орбан и е најголем пријател на Украина зашто единствен инсистирал на преговори меѓу Киев и Москва за запирање на војната е невистинит и манипулативен по повеќе основи

Фото: Мета.мк

Објавата во која се тврди дека Украина ја води војната против Русија заради ќефовите на Лондон и дека Орбан и е најголем пријател на Украина зашто единствен инсистирал на преговори меѓу Киев и Москва за запирање на војната е невистинит и манипулативен по повеќе основи, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели:

Кога ќе размислат добро Украинците, ќе сфатат дека од сите ЕУ бирократури, единствено унгарското раководство им мисли добро со тоа што не ги поддржува во војната против Русија заради ќеифовите на Лондон и повикува на безусловни преговори веднаш, додека има за што да се разговара. Историјата ќе запише, не Меркел, туку Орбан беше/е најдобриот политичар од ЕУ зоната во 21 век.

Од изнесеното во објавата дека „другите ЕУ држави освен Унгарија, ја поддржува Украина во војната против Русија заради ќеифовите на Лондон“, всушност произлегува дека Украина војува водејќи се од целите на Лондон. Ваквото тврдење е невистинито и манипулативно и претставува чест наратив на руската пропаганда, која на секој начин се обидува да ја оправда инвазијата што ја спроведе Русија врз суверената и демократска Украина, која што е принудена да се брани, а доколку тоа не го направи, тогаш ќе биде принудена да загуби свои територии и ништо не гарантира дека Русија ќе се задоволи само со Украина и нема да ја прошири и продолжи инвазијата врз други суверени држави.

ЕУ и нејзините земји членки остро ја осудуваат бруталната војна на Русија врз Украина и анексијата на украинските региони Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон. Русија е таа која што ја почна војната на туѓа територија. Наспроти изнесеното во постот кој го рецензираме, Русија води војна против Украина на украинска територија, а не обратно. Затоа, не може да се каже дека Украина е таа што води војна против Русија, без да се напомене дека тоа е изнудена одбрамбена војна.

Во постот се тврди дека Унгарија повикува на безусловни преговори и само таа ѝ мисли добро на Украина, меѓутоа, да се прекине со воената агресија на Русија во Украина бараа сите европски држави уште од февруари 2022 година. Оттогаш, од февруари 2022 година, Европскиот совет и Советот на ЕУ редовно се состануваат за да ја дискутираат состојбата во Украина од различни перспективи.

Русија мора да ја сопре оваа ужасна војна веднаш. ЕУ ќе стои на страната на Украина со поддршка колку долго и да трае тоа, беше заклучено од Европскиот совет во 2023.

Лидерите на ЕУ во повеќе наврати бараа Русија веднаш да ја сопре воената инвазија, безусловно да ги повлече сите воени сили и воена опрема од Украина и целосно да го почитува украинскиот територијален интегритет, суверенитет и независност. Тие го потенцираа правото на Украина да ја одбере својата сопствена судбина и ги поддржа Украинците за нивната храброст во одбраната на својата држава.

Како одговор на воената агресија, ЕУ ги прошири санкциите против Русија, додавајќи ентитети и личности на својата листа на санкции, како и со прифаќање на рестриктивни мерки. ЕУ покажа единство и сила и овозможи помош за Украина која е хуманитарна, политичка, финансиска и воена.

Во неколку наврати Европскиот совет ги осуди руските напади врз цивили и цивилна инфраструктура во Украина и и порача на Русија да престане со систематските напади врз украинската енергетска инфраструктура, но тоа не се случи и тие продолжија. ЕУ и нејзините граѓани се во целосна солидарност со Украина и нејзиниот народ. ЕУ презема мерки како економска и финансиска помош, хуманитарна помош, поддршка за заштита на цивили, воена помош, прифаќање на бегалци, поддршка во истраги и гонење на воени злосторства, поддршка за реконструкција на демократска Украина.

И највисоки претставници за надворешна политика на земјава (Бујар Османи во функција на претседавач со Канцеларијата на ОБСЕ), повикуваа војната во Украина да престане односно Русија да се повлече, што не се случи.

Поради сите горенаведени факти, постот го оценуваме како делумно невистинит. Не е вистина дека само Унгарија и Виктор Орбан повикале на мир и преговори, тоа го прават сите држави на ЕУ, уште од поодамна, но Русија не се повлекува од Украина. Манипулативен е наративот дека Украина е поддржувана во војна против Русија. Напротив, Украина е поддржувана во одбрана од Русија која што со своите вооружани сили влезе на нејзината суверена територија и почна воена инвазија од големи размери, која уште трае. Дури и Генералното собрание на Обединетите Нации повика да сопре војната во Украина и побара Русија веднаш да се повлече од Украина согласно повелбата на ОН. Така што, не е точно дека само Унгарија повикала да престане војната. Исто така, не е вистина делот од постот во кој се вели дека „војната се случува поради ќефовите на Лондон“. Велика Британија не ја почна воената инвазија, туку тоа го направи Русија, а земјите од Западот застанаа на страната на правото на Украина да го брани својот територијален интегритет и суверенитет, како демократска држава чија територија и народ беа брутално нападнати од руската страна.

 

hubmk