Манчевски: Не ја коментираме работата на обвинителството и на судот

СДСМ нема да ја коментира работата на обвинителството и на судството, изјави денеска во Прилеп потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски, по информациите дека не е определен притвор за осумтемина осомничени за изборни измами, меѓу кои се и поранешните министри Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска, градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко, и поранешниот генерален секретар, Кирил Божиновски.

Манчевски ја повтори нивната поддршка за Специјалното јавно обвинителство и ги повика политичките партии да го почитуваат Договорот од Пржино и работата на тимот на специјалната обвинителка Катица Јанева.

– Ние целосно ја поддржуваме работата на Специјалното јавно обвинителство и ги повикуваме сите други политички партии и чинители во општеството да се држат до Договорот и да ја поддржат работата на Специјалното јавно обвинителство. Само да потсетам, ова Специјално јавно обвинителство се формираше со поддршка и со консензус на четирите политички партии и од партиите застапени во Собранието на Република Македонија. Се надеваме дека и понатаму ќе продолжат да ја поддржуваат работата на Специјалното јавно обвинителство – рече Манчевски.

Потпретседателот на СДСМ рече дека опозицијата останува на ставот дека нема да учествуваат на изборите доколку тие се одржат на 24 април.

– Нам ни е апсолутно јасно и веќе го кажавме нашиот став и имаме одлука на централниот одбор. Услови за фер и демократски избори на 24 април, за жал, нема. Ние сме подготвени за фер и демократски избори следниот ден кога ќе се заврши прочистувањето на избирачкиот список и ќе се постигне договор за реформа во медиумскиот сектор. Впрочем, минатава недела ни покажа колку е важна реформата на медиумскиот простор. Затоа цврсто остануваме на овие ставови. Но, фер и демократски избори во Македонија ќе има, затоа што тоа го баравме ние, затоа што ние го почнавме овој процес, тоа им го ветивме на граѓаните и тоа ќе го оствариме – рече Манчевски.