„Мала книга за лике“: Зошто Данска важи за најсреќна земја на светот

Уживањето во комфортот на едноставноста може да се пронајде во новото дело на писател Викинг кој доаѓа од најсреќната земја во светот Данска. Преку едноставните испечатени зборови на страници на книгата „Мала книга за лике“ може да се дознае колку е важно да се ужива во малите работи, а притоа да нема никаква поврзаност со парите

Фото: Арс Ламина

Сите ние сакаме да уживаме во комфорот кој го нуди нашиот дом, понекогаш преуморни од секојдневните активности кои нè оптоваруваат забораваме да уживаме во малите нешта. Сепак, во светот постојат и такви луѓе кои не дозволуваат секојдневните проблеми да влијаат во начинот како ќе го поминат остатокот од денот.

Данскиот автор Мајк Викинг има издадено книги насловени „Мала книга за хиге“ и „Уметноста на создавање спомени“, во кои преку интересни и кратки стории опишува како еден човек може да ужива во малите нешта. Покрај овие две книги од печат излезе „Мала книга за лике: данската потрага по најсреќните луѓе на светот“. Книгата на македонски јазик, како и претходните две дела на Викинг, е во издание на „Арс Либрис“.

Викинг на своите читатели им открива воспоставување на совршена рамнотежа помеѓу деловниот и приватниот живот, важноста на данското бесплатно високо образование и беспрекорен распоред на возови кои се движат низ шините на данските возни патишта, но и важноста на комфортот на запалените свеќи низ домовите во текот на вечерните часови.

Можноста да се научи од едноставниот живот на Данците е само едно скалило погоре да научиме како да уживаме во клучните тајни на среќниот и едноставен живот. Во оваа книга, авторот нуди лов на богатство за да ја отклучиме вратата за квалитетниот живот. Собирањето на податоци, искуства и совети од најсреќните краишта на светот, ни дава шанса да одлучиме и да се стремиме да го трошиме нашето време на работи кои нè прават среќни и кои ни дозволуваат да го обновиме нашиот природен допамин.

Инспирацијата на авторот доаѓа од неговите патешествија низ светот, низ коишто бара начини на дејствување на среќните луѓе. Магичните страници на „Мала книга за лике“ ни ги откриваат неговите пронајдоци. Неговите патувања од Бутан до Австралија, Јужна Кореја, Канада, Франција, па назад до Данска ќе ни откријат многу преку едноставноста на зборовите испечатени на листовите хартија.