Макрон повика на запирање на испораката на оружје за Израел и фокусирање кон политичко решение

Израелскиот премиер Нетанјаху, пак, во видео порака рече дека Израел ќе победи со или без поддршка, додавајќи дека повикувањето на ембарго за оружје е срамота

-

Францускиот претседател Емануел Макрон повика на запирање на испораката на оружје за Израел за употреба во Газа, што предизвика критики од израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, пишува Би-Би-Си. Макрон за радиото Франс Интер изјави дека е приоритет да се бара политичко решение и да се престане со доставување оружје кое ќе се користи за војување во Газа.

На самитот во Париз во саботата, францускиот претседател ја повтори својата загриженост поради продолжувањето на конфликтот во Газа и покрај повиците за прекин на огнот, а исто така ја критикуваше и одлуката на Израел да испрати копнени трупи во Либан. Тој рече дека Франција не доставува оружје на Израел.

„Мислам дека тоа е грешка, вклучително и за безбедноста на Израел“, рече тој, додавајќи дека конфликтот води кон омраза. Макрон, исто така, рече дека избегнувањето на ескалација во Либан е приоритет и дека Либан не може да стане нова Газа.

Израелскиот премиер Нетанјаху, пак, во видео порака рече дека Израел ќе победи со или без поддршка, додавајќи дека повикувањето на ембарго за оружје е срамота. Кабинетот на Нетанјаху одговори велејќи дека секоја земја што не стои со Израел го поддржува Иран и неговите сојузници и полномошници.

„Додека Израел се бори против силите на варварството предводени од Иран, сите цивилизирани земји треба цврсто да застанат на страната на Израел. Сепак, претседателот Макрон и другите западни лидери сега повикуваат на ембарго за оружје против Израел. Срам да им е,“ рече Натанјаху.

Кабинетот на Макрон подоцна соопшти дека Франција е пријател на Израел, додавајќи дека реакцијата на Нетанјаху била претерана и одвоена од пријателството меѓу Франција и Израел.

Тридневна жалост за загинатите во поплавите во Босна, се трага по 15 исчезнати лица

По разорните поплави во делови на Босна и Херцеговина, во кои загинаа најмалку 18 лица, општина Јабланица прогласи тридневна жалост, јавува босанската телевизија БХРТ. Со одлука на локалните власти,...