Лани дипломирале 7.422 студенти, најмногу на Филозофскиот и Економскиот факултет при УКИМ

Од вкупниот број дипломирани, 81,4 отсто биле редовни, а 18,6 отсто биле вонредни студенти. Во рок дипломирале 37 проценти, додека останатите 63 отсто дипломирале по рокот

Илустрација: Мета.мк преку Canva

Вкупно 7.422 студенти минатата 2023 година ги завршиле своите додипломски студии на високите стручни школи и на факултетите во земјава, покажуваат податоците од Државниот завод за статистика (ДЗС). Ова претставува незначително намалување од 0,81 отсто во однос на претходната година (2022), кога беа регистрирани 7.483 дипломирани студенти.

Ако се направи споредба меѓу факултетите, може да се заклучи дека најмногу студенти минатата година дипломирале на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје – вкупно 363, по што следува Економскиот факултет, исто така во рамки на УКИМ, со 354 дипломирани студенти.

Меѓу петте факултети од кои минатата година излегле најмногу дипломци е и Економскиот факултет при приватната установа Универзитет за туризам и менаџмент (Универзитет Скопје) со 344 дипломирани студенти.

По него следуваат Факултетот за медицински науки при Универзитетот во Тетово (338 дипломирани студенти) и Медицинскиот факултет при УКИМ (299 дипломирани студенти).

Од вкупниот број дипломирани, 81,4 отсто биле редовни, а 18,6 отсто биле вонредни студенти.

Во рок дипломирале 37 проценти, додека останатите 63 отсто дипломирале по рокот.

Од вкупниот број дипломирани, 64,8 отсто се студентки.

Севкупно земено, на државните универзитети во 2023 година дипломирале вкупно 5.240 студенти, а на приватните 2.155 студенти. На верските факултети минатата година своето високо образование го завршиле вкупно 27 студенти.