Костадиновски: Приоритет во мојот мандат ќе биде враќањето на довербата во Уставниот суд и во правната држава

Новиот претседател на Уставниот суд рече дека ќе биде бескомпромисен во обидите за политички и други влијанија врз судот и врз уставните судии

-

Ако сме свесни за нашата општествено-уставна реалност, тогаш јасно е дека довербата на граѓаните во институциите на системот и во правната држава е на историско најниско ниво. Ако е тоа така, сосема природно за мене како претседател на Уставниот суд е приоритет, над сè, да биде враќањето на довербата во Уставниот суд и во правната држава.

Ова го истакна новиот претседател на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, на првиот брифинг со новинарите на кој зборуваше за приоритетите и активностите во раководењето со судот во следниот период.

Како прв приоритет во неговиот мандат, Костадиновски го посочи враќањето на довербата во Уставниот суд и во правната држава и посочи дека ќе работи на подобрување на перцепцијата на граѓаните преку преземање на конкретни чекори за надминување на предизвиците.

„Од донесувањето на првиот Устав од 1991 година, Уставниот суд останува најнереформираната институција во нашата држава во поглед на правната рамка. Уставниот суд ја црпи својата надлежност директно од Уставот и од Актот на Судот. Но, се поставува прашањето дали ваквата „статус кво” состојба во однос на правната рамка одговара некому и на кого? Тука се надоврзува прашањето дали се исполнети очекувањата на граѓаните 33 години по донесувањето на Уставот? Во таа смисла во наредниот период со сите релевантни фактори и чинители ќе разговарам за интервенција во Уставот со цел да создадат уставен основ за донесување на закон со којшто ќе се операционализираат уставните одредби кои се однесуваат на Уставниот суд. И тоа не било каков закон, туку системски закон бидејќи тој е начинот на којшто ќе се гарантира самостојноста и независноста на Уставниот суд“, изјави Костадиновски.

Претседателот на Уставниот суд најави дека ќе ги продолжи напорите на неговите претходници со цел зголемување на обемот на заштитата на слободите и правата на граѓаните за воведување на Уставна тужба или жалба.

Костадиновски рече дека ќе биде бескомпромисен во обидите за политички и други влијанија врз судот и врз уставните судии.

„Во однос на бескомпромисноста на политичките или било какви други влијанија јавно кажувам дека сум и ќе останам лојален само на Уставот и на никој друг“, рече Костадиновски.

Најави и поголема соработка со науката. До државните органи апелираше да ја разберат неопходноста од уставно-правна и политичка култура, што го посочи како предизвик и една од причините за недоверба на граѓаните во правосудниот систем и институциите.

„Една од моите идеи откако сум дојден во Судот, а сметам дека позитивно ќе влијае на подигнување на довербата на граѓаните е да се овозможи нашите седници да се снимаат во живо. Постоела таква пракса, факт е дека во многу други држави нема пракса, но многу други држави не се на ниво на такво девастирано владеење на правото како што сме ние. За враќањето на довербата кај граѓаните ќе треба малку похрабри и поодлучни чекори. Ќе зборувам со моите колеги и ќе работам на оваа неопходност“, изјави Костадиновски.

Македонските стрип-автори меѓу најбројните на Меѓународниот салон во Белград

На 21. Меѓународен салон на стрип во Белград, кој од 26 до 29 септември се одржува во Студентскиот културен центар, македонските учесници традиционално се меѓу најбројните. На распишаниот стрип-конкурс...