Конкурс „Амбасадорка на ден“ за девојки над 15 годишна возраст

Kандидатката која ќе биде избрана, во текот на еден ден ќе ја следи работата на шведската амбасадорка, ќе присуствува на состаноци и ќе учествува во целокупните активности на Амбасадата

Фото: Mark König on Unsplash

Амбасадата на Шведска во Скопје распиша конкурс за позицијата „Амбасадорка на ден“. Позицијата е отворена за девојки над 15 годишна возраст кои, „се грижат за родовата еднаквост, еднаквите можности за жените и девојките и ставањето крај на насилството врз нив“.

Kандидатката која ќе биде избрана, во текот на еден ден ќе ја следи работата на шведската амбасадорка, ќе присуствува на состаноци и ќе учествува во целокупните активности на Амбасадата. На крајот на работниот ден, кој ќе започне во 8:30, а ќе заврши во 16:30 часот, „Амбасадорката на ден“ треба да даде кус извештај за завршената работа.

„Заинтересираните кандидати треба да достават кратко мотивациско писмо до 250 збора во кое ќе објаснат зошто се заинтересирани за оваа позиција, кратка биографија каде што ќе бидат посочени активностите и интересите на кандидатот, како и кои активности ги преземал за да го промовира или подобри животот на заедницата во која живее“, наведуваат во амбасадата.

Активностите може да бидат акција во која канидатките иницирале или во неа учествувале, а која промовира еднаквост помеѓу девојчињата и момчињата, обезбедува помош за стари лица или загрозени лица, грижа за животната средина. Потребни се две препораки (најмногу 1-2 параграфи), од некој кој добро ги познава кандидатките.

„Ова може да биде вашиот учител или наставник или секој што ве познава добро и ве видел во акција. Писмена согласност од вашите родители/ законски старатели (за девојчиња на возраст од 15-18 години).

Пријавувањето на конкурсот ќе се прави преку е-пошта [email protected] при што треба да се наведе „Апликација за конкурсот #GirlsTakeOver за ‘Амбасадорка на еден ден’“. Конкурсот е отворен до 10 ноември“, стои во повикот на Амбасадата на Шведска.

Избраната кандидатка ќе биде известена во текот на декември, а активностите во рамки на позицијата „Амбасадорка на ден“ ќе ги извршува на Денот на жената (8 март) следната година.