fbpx

Компирот и бананите во иста група со кавијарот: Проверете кои „луксузни“ производи поскапуваат

Листата на производи е објавена во „Службен весник“, а Мета.мк ги пренесува сите 389 ставки. Меѓу нив се и различните видови сирења, кашкавал, компири, сладолед, различни видови риба, јаткасти плодови, банани, различни видови зеленчук, одредени зачини кои ќе поскапат за 5 отсто

-

Од денеска, цените на голем број производи се зголемуваат, а трговците веќе почнаа да постапуваат по новата владина одлука за зголемување на ДДВ-то за одредени групи производи од 5 на 10 проценти.

Според член 30-а од Законот за данокот на додадена вредност, „повластена стапка од 10 проценти се применува врз прометот и увозот на останатите производи за човечка исхрана кои не се основни производи за човечка исхрана“. Во однос на ова, во јавноста жестоки се реакциите за поскапувањето од 5 отсто за производи од оваа листа, кои граѓаните сметаат дека се дел од основната човечка исхрана.

Листата на производи е објавена во „Службен весник“ на 28 септември, а Мета.мк ги пренесува сите 389 ставки. Меѓу нив се и различните видови сирења, кашкавал, компири, сладолед, различни видови риба, јаткасти плодови, банани, различни видови зеленчук, одредени зачини.

Инаку, според Законот за додадена вредност, ДДВ-то изнесува 18 отсто, но одредени групи на производи имаат повластена стапка од 5 отсто. Сега, со новите законски измени, дел од производите кои се дел од основната човечка исхрана остануваат да се даночат со повластена стапка од 5 отсто, а друга група производи (претставени погоре во галеријата) ќе се даночат со повластена стапка од 10 отсто.

Ова го соопшти уште лани во декември министерот за финансии Фатмир Бесими, кој тогаш рече дека како дел од даночната реформа ќе се укине повластената даночна стапка од 5 отсто за ДДВ на егзотичната храна. Тој изјави дека, ни самиот не бил свесен дека во повластената стапка нема само производи како шеќер, брашно и ориз, туку има и луксузни производи како „морски кучиња и морски мачки“. Како производи за кои ќе важи новата повисока стапка на оданочување беа споменувани „пераи од ајкула“ и тропското овошје. Сепак, листата објавена во „Службен весник“ покажува дека не се само тие производите на кои ќе им порасне цената со повисоката стапка на повластено оданочување.

Од Министерството за финансии велат дека основните прехранбени производи, кои се дел од секојдневната употреба на граѓаните и понатаму ќе се оданочуваат по најниска даночна стапка на ДДВ, односно нема промена и таа останува на 5 отсто како што тоа е предвидено со Законот за данок на додадена вредност.

„Листата останува долга и таа претставува најширока листа во однос на земјите од регионот и во земјите од ЕУ, а целта на донесувањето на одлуката за примена на повластена стапка од 5% кај одредени производи е со цел заштита на стандардот на граѓаните, заштита на здравјето на граѓаните, како и оданочување со праведна даночна стапка на производите кои што не претставуваат основна човечка исхрана“, сметаат од Министерството.

Со истиот став денеска пред новинарите излезе и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи кој одговараше на прашања во врска со продуктите. Според него, млечен премаз со висока масленост од овчо млеко треба да биде несекојдневен и треба да има стапка на оданочување од 10 осто. Тој вели дека можни се одредени пропусти и дека за десетина производи нема да има проблем да се направат измени.

Чипсот, гумите за џвакање, сладоледот, според Битиќи, спаѓаат во категоријата на нездрави производи затоа што имаат повисока шеќерна вредност и не смета дека тоа се основни прехранбени производи.

„Маркетите треба да започнат од денеска да ги менуваат цените од производите. Веќе во вторник имаме закажано седница на влада и може да се ревидира одлуката. Не гледам голем проблем за корекција на десетина производи“, рече Битиќи.

Тој не сакаше да навлегува во дефинирање што е луксуз и за кого.

„Ние не ги носиме мерките на штета на едните или другите. Мораме да донесеме мерки што ќе ја ублажат кризата и нема да им нанесат штета на производителите. Има реакција за 10 производи, а имаме 2000 групи на производи кои се опфатени“, вели Битиќи.

Министерот за економија Крешник Бектеши на својот Фејсбук профил објави дека Министерството за економија целосно стои зад Одлуката за намалување на цените на на основните прехранбени производи донесена пред две недели.

„Најмалку до 30 ноември, до кога е на важност оваа одлука, отстапување од нејзе нема да има. Сите производи кои се опфатени во Одлуката за намалување на цените на Министерството за економија ќе останат со даночна стапка од 5%“, напиша Бектеши.

И од Државниот пазарен инспекторат велат дека зголемување на цените на основните прехрамбени производи нема да има, а пазарниот инспекторат ќе продолжи да постапува по веќе донесените одлуки на Владата за намалување на цените.

„Граѓаните да бидат спокојни! Цените на основните прехрамбени производи нема да се зголемат, може само дополнително да се намалат! Пазарниот инспекторат ќе продолжи да постапува по одлуките за намалување на цените кои се веќе донесени“, велат од инспекторатот.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.