Ќе се испитуваат изворите на загадување на воздухот во Карпош и Лисиче

На две локации во општините Карпош и Аеродром во Скопје во следната година ќе се мониторира квалитетот на воздухот за да се утврдат изворите на загадувањето. На овие локации, во рамките на проектот „Справување со загадувањето во Скопје“, поставени се уреди кои во следните 12 месеци ќе собираат примероци од воздухот 24 часа на ден. Тие примероци ќе се анализираат, а целта е попрецизно ќе се откријат поединечните извори на загадување на воздухот во градот.

„Собраните примероци од уредите поставени во Карпош – урбана област и Лисиче – област со индустрија, сообраќај и резиденцијална зона, кои ќе земаат агрегирани примероци на ситните фракции на честички ПМ 2,5 ќе бидат анализирани со користење на референтни методи и строги аналитички протоколи и врз основа на тоа ќе бидат изработени модели кои овозможуваат поврзување на измерената маса на поедини загадувачки материи на дадена локација, со групи на извори на загадување“, информираат од проектот.

Со ова почнуваат теренските истражувања во рамките на Студијата за пропорционирање на загадувачите, која треба да обезбеди информации за поединечните извори на загадување на воздухот во агломерацијата Скопје, како и висината на придонесот на поединечните извори како што се индустријата, согорувањето на биомаса, сообраќајот, управувањето со отпад и други во вкупното загадување. Податоците кои ќе се изведат од истражувањето, кон крајот на 2021 година, треба да бидат основа за креирање на ефикасни и реални политики за контрола на загадувањето.

Како дел од проектот, кој е финансиран од Владата на Шведска, а го спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), во партнерство со Град Скопје и Министерството за животна средина и просторно планирање, во финална фаза е и изборот на околу 100 домаќинства во Лисиче, кои ќе бидат поддржани со грантови до 10.000 американски долари по домаќинство за унапредување на енергетската ефикасност на домовите. Тоа предвидува замена на начинот на греење, замена на прозорци, врати, фасади и покриви и други мерки со цел да се зголеми нивото на енергетска ефикасност и да се намали загадувањето во овој дел од Скопје.