Китеска: Реформата на јавната администрација е од суштинско значење за напредокот на земјава кон ЕУ

Овој Извештај треба да го сфатиме како обид за освестување и на централната и на локалната власт, за преземање на чекори за подобрување на личната одговорност на раководството и за делегирање на одговорноста на различни нивоа на управување, иако според Извештајот делегирањето на овластувањата за донесување одлуки на средното ниво на управување останува ограничено. Колку ќе сработиме и со каков квалитет ќе го инкорпорираме европското административно право во нашето национално законодавство, дали ќе бидеме правно способни и доволно писмени да го применуваме во секојдневната пракса, зависи само од нас. Започнувањето на преговорите не секогаш завршува со членство – работата сега започнува, а реформата на јавната администрација е од суштинско значење за напредокот на државата, вели Тинка Китеска, основач и претседател на Здружението „Праведни и Професионални“ во разговор со новинарот на „Порталб.мк“ околу последниот Извештај за напредокот на нашата земја во 2020 година објавен од Европската комисија. Мисијата на Здружението „Праведни и Професионални“ е заштита на правата и слободите на вработените во јавната администрација.

Порталб.мк: Дали треба да сме задоволни со последниот извештај на ЕК?

Тинка Китеска: Додека Македонија го живееше изминатиот период на падови и кризи од најразличен вид, будното око на Европската комисија гледало, снимало и извлекувало заклучоци за сè што се случува кај нас. Додека сите општествени чинители се свртени кон започнувањето на преговорите за влез во европското семејство и за завршување на домашните задачи кои ни се зададени, Европската комисија користејќи ги своите методи на собирање и обработка на релевантни податоци, оформирала една објективна слика за секој дел од нашиот општествено-политички систем, кој каков – таков функционира и опстојува со децении.

Во услови на постоење на нови правила за идните членки, Комисијата укажува дека длабоки реформи се неопходни зашто сегашните земји-кандидати за членство ќе се соочат со построги критериуми за оценување на сработеното.

За да ни покажат дека сè зависи од нас самите, во Извештајот употребиле изрази од типот постигнат е добар напредок, или има одредено ниво на подготвеност / умерено се подготвени. Иако тоа не е некоја голема утеха, сепак дава надеж дека работите може да се придвижат кон подобро, дека нема назадување или демонтирање на демократијата и дека сме постигнале своевиден напредок.

Порталб.мк: Какви оценки ни дале за реформите во јавна администрација?

Тинка Китеска: Ако се фокусираме на сегментот Реформи во јавната администрација, мислам дека дури добро сме поминале, благодарение на усвоената Стратегија за транспарентност 2019-2021 година, операционализацијата на порталот за отворена Влада и објавување на податоците за владините трошоци. Комисијата дипломатски и културно ги наведува овие елементарни работи, кои за развиените европски земји не се ништо спектакуларно, а ние сметаме дека сме го достигнале врвот со тоа што сме ги обзнаниле овие толку вообичаени работи. Комисијата сигурно има подлабоки сознанија за нашите аномалии во работењето, за детските болести кои ги прележуваме, додека другите земји грабаат со брзи чекори напред и недостижно ни се оддалечуваат. Не сакале да делуваат разочарувачки на нас и да ни ги извадат на маса сите наши незавршени домашни задачи, а ги има многу на секој чекор во јавната администрација.

Кој е ефектот од гореспоменатата стратегија, ако тие што треба да бидат реформирани – административните службеници задлабочени во секојдневното битисување и страв за своето работно место не ни слушнале за неа, никој од надлежните не им ја презентирал, не ги прашал за нивно мислење или стручен став. Многу поголем напредок ќе забележеше Комисијата во својот извештај за нашата реформа на јавната администрација, ако покажевме дека сме пораснале, сме ги научиле лекциите и нема да ги повторуваме грешките од минатото. Службениците никој не ги прашал каква демократија сакаат да гради нивната држава, дали имаат храброст да го изразат сопственото мислење, дали се рамноправни во обврските и во привилегиите или тие се предодредени само за одбрани службеници, дали прописите важат подеднакво за сите а не селективно во зависност од политичката наклонетост кон една или друга партиска гарнитура.

Сè додека постојат чистки, политички реваншизам, непотизам, кронизам и наградување според секакви критериуми само не според стручност, компетентност и заслуги, не може да зборуваме за Реформи сфатени во вистинската смисла на зборот Реформи. Сè додека раководниот кадар не се избира од редот на искусните професионални службеници, туку се носи како багаж со секој нов функционер, не може да очекуваме напредок. На новодонесените раководители, колку и да се образовани или едуцирани потребно им е време за да ја запознаат суштината на работата, да го осетат духот на институцијата, да го запознаат стручниот кадар што го затекнале таму и со чие добро менаџирање може да се постигнат очекуваните резултати. Додека го научат сето тоа, времето поминало, власта се сменила, дошле нови лица на нивното место и сè така до недоглед.

Во Извештајот никаде нема да сретнете дека на Македонија и е неопходно час поскоро воспоставување на професија јавен менаџмент во државната администрација кој ќе биде непристрасен, независен и транспарентно одговорен за резултатите – позитивни или негативни сеедно. Затоа не е доволно за една земја како нашата, Европската комисија да ѝ каже дека постигнала добар напредок и дека е „умерено подготвена“. Ние службениците ги гледаме работите одвнатре и само ние можеме да кажеме колку сме подготвени. Добро спакуваниот Извештај не треба да не вообрази и да се занесуваме дека којзнае каков напредок сме постигнале. Затоа што, Комисијата не пропуштила да ни скрене внимание дека професионалниот развој сè уште не е систематски.

Нема централизирана база на податоци за обуката што ја нудат различни институции, нема систематска примена на одредбите на Законот за административни службеници и Законот за вработените во јавниот сектор кои се однесуваат на обезбедување заслужено вработување, фер унапредување и отпуштање од работа. Постапките за привремени вработувања со пониски критериуми, сè уште често се користат, заобиколувајќи ги критериумите утврдени во Законот – на мала врата се внесува политички подобен кадар, кој не само што не е дораснат на позицијата туку го истиснува професионалниот службеник кој довчера со висок успех ја работел истата работа. Професионалци се тргаат преку ноќ и се заменуваат со новопечени кадри без искуство, кои за да го заземат дотичното место треба барем уште неколку години да го „печат“ занаетот, па дури потоа да настапат на сцената.

Во Извештајот има само две реченици за судбината на заштитените укажувачи во Македонија, ама со тие две реченици сè е кажано. Имено, според Извештајот „Интегритетот во јавната служба е добро регулиран, вклучително и законодавството за свиркачите (укажувачите). Сепак нема достапни податоци за тоа како механизмите за интегритет, вклучително и законодавството за свиркачите се спроведува во пракса, ниту за тоа дали и како свиркачите се заштитени од акции за одмазда.“

Многу убаво процениле, барале ама никаде не нашле податоци за бројните случаи на одмазда, прераспоредување, откази, деградирање и уништување на индивидуални кариери на професионални службеници – само затоа што собрале храброст и по долго размислување се решиле да проговорат, да пријават и да укажат на незаконско работење и своевиден криминал. Сите треба да се замислиме зошто Комисијата не нашла податоци, не е дека не постојат, туку дека некој вешто ги крие штитејќи ги прекршителите на законите за сметка на одлучноста на укажувачите, кои и по цена да пропаднат, ја исполниле својата граѓанска должност.

Порталб.мк: Која е вашата проценка за известувањето на ЕК за Антикорупциска комисија?

Тинка Китеска: Според мене, релативно објективно и ограничено е известувањето на Европската комисија во поглед на работата на Државната комисија за спречување на корупцијата во Македонија. Граѓанската перцепција е дека Антикорупциска води стихијна, селективна и некоординирана борба со корупцијата. Комисијата оценила дека ДКСК е особено проактивна во спречувањето на корупцијата и дека отвори голем број случаи, меѓу кои и за високи функционери од целиот политички спектар. Ако е тоа точно, тогаш зошто и понатаму останува заклучокот дека корупцијата е распространета во многу области и треба да се обезбеди попроактивен пристап од сите чинители вклучени во спречувањето и борба против корупцијата. Одговорот е многу едноставен, Антикорупциска сè уште не се ослободила од папочната врвца со која е врзана за извршната власт. Таа сè уште не може да дише и да функционира без Владата. Штом чека Владата да ѝ купи деловен простор, да се смилува да ја смести во нови пoрепрезентативни простории во градот, нема нејзина независност и објективност. Како ќе покрене Антикорупциска постапка против таквиот висок функционер од чија волја зависи моментот на достојно сместување на сите вработени и на неопходната информатичка опрема, кои се неопходни за безмилосна борба против корупцијата?

Можеме да потврдиме дека Антикорупциска си ја гледа работата и не потклекнува пред никакви авторитети, тогаш кога во законски предвидениот рок ќе постапи по секоја Пријава за незаконско работење од заштитен надворешен укажувач, без разлика за колку висок функционер станува збор. Антикорупциска во иднина треба да го штити јавниот интерес и да не се плаши од никакви авторитети, но за тоа потребно е да се исполнат многу претходни услови. Дотогаш ќе гледаме имитација на борба со корупцијата.