Изведба на танцовиот дует LOUNGE во сабота во МКЦ

Настанот е во рамките на фестивалот дванаесеттото издание на Викендот на гордоста – Скопје, чија тема оваа година е „Останувајќи со нелагодноста“

Фото: Викенд на гордоста - Скопје, Mayra Wallraff

Во сабота во Денсинг салата во Младинскиот културен центар (МКЦ) ќе биде изведен танцовиот дует „LOUNGE“ од португалската танчарка Марга Алфеирао и танчарката Маријана Бененге, со потекло од Франција и Републиката Конго.

Настапот ќе започне во 21 часот.

„LOUNGE претставува дует за две тела кои се идентификуваат како женски и заедно се движат низ состојби на активност и пасивно одморање, до уживање во траењето на повторувачките движења“, стои во најавата за настанот.

Настапот ќе биде дел од Викендот на гордоста – Скопје, кој се одржува од 5 до 16 јуни на четири локации низ Скопје – Музејот на современа уметност, Станица 26, МКЦ и Театар Комедија. Темата на овогодишното издание на фестивалот е „Останувајќи со нелагодноста“.

„Зборот lounge е глагол, со значење да седиш или да лежиш релаксирано, но и именка со значење јавен простор за релаксација. Лаунџинг (lounging) претставува и дејство и место, простор што можеш да го оформиш, да го населиш и да го густираш. Лаунџ собата како јавно наспроти осамено место, исто така има важност. Со помош на сопственото присуство, изведувачите навлегуваат подлабоко во себеси и во вибрациите. Во делото продира идејата за Невидлив танц во скут, сочинет од мали, речиси невидливи танцови кои со помош на погледот ја избледнуваат границата меѓу танчарот и оној врз кој се извршува танцот“, велат од Тимот на Викендот на гордоста – Скопје 2024.