Изложба на млади стрип авторки во МКЦ – Битола

Програмскиот координатор на Македонскиот стрип центар, Томе Трајков, истакна дека недвосмислен впечаток е оти развојот на женскиот стрип во Македонија е нераздвоив од сеопштиот развој на оваа уметност кај нас

фото: Стрип центар на Македонија

Изложба на млади стрип авторки од Македонија беше отворена во Младинскиот Културен Центар (МКЦ) – Битола, во партнерство со Стрип центар на Македонија – Велес.

На изложбата беа претставени стрип дела од 22 млади македонски стрип авторки кои се носители на новата генерација на стрип цртачки.

Програмскиот координатор на Македонскиот стрип центар, Томе Трајков, истакна дека недвосмислен впечаток е оти развојот на женскиот стрип во Македонија е нераздвоив од сеопштиот развој на оваа уметност кај нас.

„Ако пред околу  3 децении, ценетиот Томислав Османли, најпознатиот стрип хроничар и теоретичар кај нас, во своите дела зборуваше дека во списанието ‘Лифт’  имало објавено кратки стрипови од две стрип авторки, кои срамежливо се појавуваа под псевдоними(!?) Псило и Вентолина, едната цртач, а другата сценарист, веќе во 2010 година се јавува ликовниот уметник Иванка Апостолова, единствената македонска стрип авторка која беше вклучена во регионалниот проект  ‘Антологија на женскиот стрип’ на уредничката и авторка Ирена Јукиќ- Прањиќ“, вели Трајков.

Изложбата беше дел од Урбаната агенда на МКЦ- Битола и од отворањето на фестивалот „Битола отворен град 2024“.