Изложба на дела од „Мал битолски Монамартр“ утре во Прилеп

„Малиот битолски монамартр“

Во Ликовната галерија на Националната установа ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп утре, во 12.30 часот ќе биде отворена изложбата на дела од Малиот битолски Монамартр.

„Во наредните две недели ќе бидат изложени 25 дела од оваа значајна македонска ликовна манифестација која постои веќе 40 години. Љубителите на ликовната уметност ќе проследат дела создавани од ликовните амбасадори од целиот свет во Старата битолска чаршија непрекинато четири децении. Монмартр низ годините блескаше со својата шарена порака за мир, љубов и уметност…. испишана на десетици јазици со безброј нијанси на бои од детските ликовни творби кои пристигнуваа во Битола“, стои во соопштението за изложбата.

Оваа поставка на дела е во чест на основачот Коста Хаџи Антоновски, кој е одговорниот што манифестацијата Малиот битолски Монамартр се одржува повеќе од 30 години. На оваа манифестација тој ѝ го посвети целиот свој живот.

Коста е уметник школуван директно од Лазар Личеноски и Борко Лазески. Потоа работел како управник во детското уметничко студио „Св.Кирил и Методиј“ во Битола.

„Монмартр живее за децата, а јас живев за нив!“, ќе порача овој деец, којшто почина во март годинава, на 86-годишна возраст.

Илустрација: ЦК Марко Цепенков

Проектот е поддржан од Министерството за култура.