Инстаграм ги прави автоматски затворени профилите на тинејџерите под 16 години

Инстаграм
фото: Solen Feyissa на Unsplash

Профилите на новите корисници на Инстаграм кои се помлади од 16 години, автоматски ќе бидат поставени како приватни, односно затворени, што значи дека само одобрените следбеници ќе можат да ги гледаат, лајкуваат или коментираат нивните слики и објави, се вели во најновото соопштение на оваа социјална мрежа.

Тестовите на Инстаграм покажале дека само еден од пет нови корисници со автоматска приватна поставеност се одлучил да го промени неговиот профил од затворен во јавен.

„Историски гледано, баравме од младите луѓе да изберат помеѓу јавен и приватен профил кога се регистрираа на Инстаграм, но неодамнешното истражување покажа дека тие повеќе го ценат приватното искуство“, велат од Инстаграм правдајќи ја новата одлука.

На постојните корисници на Инстаграм, пак, ќе им биде испратено известување со нагласување на придобивките од префрлањето кон приватен, односно затворен профил.

Од оваа социјална мрежа соопштија и дека напредуваат со креирањето на апликација за деца под 13 години и покрај реакциите и противењата на одредени групи. Додека Инстаграм тврди дека новата апликација ќе биде направена со цел да ги заштити децата од искуството на оригиналната апликација, критичарите велат дека компанијата премногу рано им ги претставува социјалните мрежи на децата.

„Реалноста е дека тие (децата) се веќе онлајн и во недостаток на начин да ги спречиме луѓето да лажат за својата возраст, сакаме да изградиме искуство дизајнирано специјално за нив, управувано од родителите и старателите“, изјавија од „Фејсбук“, матичната компанија која стои позади Инстаграм.

Инстаграм во меѓувреме е на удар на добротворните детски организации поради неуспехот да ги отстрани штетните содржини, а во Европа е под истрага за начинот на користење на податоците на децата.

Социјалната мрежа воведе неколку нови промени заради поголема заштита на најмалите корисници. Со новиот, попретпазлив пристап, огласувачите кои се рекламираат таму ќе можат да ги таргетираат децата само врз основа на возраста, полот и локацијата, наместо и според нивните интереси и навики за прелистување на веб-страниците, како што беше досега.