Играта „Last Epoch“ излегува денес и носи револуција во „RPG“ игрите

Се очекува играта да биде сериозна конкуренција на „Diablo 4“ и на „Path of Exile 2“

Последната епоха / принтскрин од „Steam“

Играта „Last Epoch“ (Последната епоха) излегува денес и ќе биде сериозна конкуренција на „Diablo 4“ (Диабло 4), но и на „Path of Exile 2“ (Патот на егзилот 2) – не само заради тоа што има огромен број позитивни и инвентивни карактеристики за изометриска “RPG hack and slash“ игра, туку и напредни системи што елиминираат дополнителни монетизации и бесмислени доплаќања.

Но, видеото што излезе неодамна со наслов “Why Diablo 4 fans hate Last Epoch” (Зошто фановите на Диабло 4 ја мразат Последната епоха) од Јутјуб каналот Frostylaroo, со многу сарказам прави паралели помеѓу тоа што не чини во „Diablo 4“ и што сè ќе има да понуди „Last Epoch“ како новитети и стана многу популарно поради хуморот – повелете и погледнете го: 

Иако овој јутубер има и други видеа, засега само ова стана вирално до тој степен што и други познати јутјубери го популаризираа на своите стримови и канали, гледајќи го и давајќи свои коментари. Тоа што не им се допадна на гејмерите надвор од Америка е што јутјуберот Asmongold во својата анализа се однесуваше како “лош адвокат на лош американски производ” – промовирајќи ја „Diablo 4“ по секоја цена, и покрај тоа што „Last Epoch“ е очигледно подобра. А, зошто е подобра, се гледа и од карактеристиките што ги донесува како новитети во жанрот – во коментирањето на јутјуберот Ryker, тој се осврнува само на позитивните страни на оваа игра и ги дообјаснува со разумни споредби, за разлика од едностраното гледање на Asmongold кој се побива и сам себе во неколку наврати. 

Меѓу главните промени во „Last Epoch“ е тоа што не е прескапа игра и чини 34 евра на „Steam“, за дрвјата со вештини ќе има и разграноци за модифицирање на надополнувачки ефекти за секоја вештина, има систем да филтрирате какви предмети сакате да гледате кога паѓаат, можете да направите прејако оружје за нов лик и самиот систем за “изработка на предмети” (crafting) нуди многу опции.

Додека во „Diablo 4“ имате аспекти, и во „Last Epoh“ има слични предмети за ставање специјални „скилови“ на оружја што можете да ги собирате во неограничен број. Исто така, една од најважните работи е тоа што можете да имате 100 „stash tabs“, односно неограничен простор за чување предмети што се купува со злато во играта, наместо со трошење вистински пари и да е ограничено само на неколку ковчези како во „Diablo 4“. 

Занданите во „Last Epoch“ имаат систем на прогресија наместо бесмислен „грајнд“ на едни исти нивоа без поголема цел. 

Што се однесува до Арената во „Last Epoch“, таа функционира како ниво во кое сте преплавени од непријатели и прашање е кој ќе издржи најмногу бранови на непријатели – слично како „Vampire Survivor“ и како Арената на „Witcher 2: Assassin of Kings“. Но, за разлика од „Diablo 4“ каде уште е само во најава и се работи со месеци, системот со „Leaderboards“ – табели со рангирање на играчи, за Арената во „Last Epoch“ ќе биде достапен на стартот од играта. И додека „Diablo 4“ во иднина ќе наплаќа астрономски суми за идни експанзии, сите експанзии и „DLC“ содржини што ќе излезат за „Last Epoch“ како надградби на играта, ќе бидат целосно бесплатни, а во план е играта да се развива и понатаму. 

Оваа игра докажува дека многу работи во кои биле убедени гејмерите дека се такви какви што се во „RPG“ игрите, со години биле лажни – како на пример, можноста за неограничен дигитален простор за предмети во „Last Epoch“, повеќе компании ја злоупотребуваа за да продаваат слотови во банка и слотови за банки под изговор дека тоа зафаќа премногу меморија и чини пари. 

„Last Epoch“ произлегува од  релативно мало студио и го постигнува можното: повеќе достапни опции и слобода на избор и фер однос кон гејмерите, што беше и клучно, на пример, и за големиот успех на „Baldur’s Gate 3“ кој трае сè уште. Во однос на графиката, изгледа дека „Path of Exile 2“ има најдобра од трите споменати игри и оваа игра и понатаму ќе нуди доста добри новитети.

Но, „Last Epoch“ ќе ја „прегази ‘Diablo 4’“ и да се надеваме дека ќе влијае позитивно на пазарот, па и другите девелопери да се угледаат на фер и бесплатните опции што ги нуди оваа игра што се купува еднаш.

Дефинитивно ви ја препорачуваме како “најновото најдобро нешто” во светот на „RPG“ игрите. Револуцијата во овој тип на игри ќе биде тоа што играчите доброволно ќе купуваат повеќе игри од ваков тип, како што е „Last Epoch“ и најверојатно ќе им свртат грб на тие што ги лажеле за поголем профит од заслуженото и сработеното – фактор за којшто е, на пример, најмногу континуирано критикувана фирмата „Blizzard“.