fbpx

Холандскиот премиер Марк Руте е новиот Генерален секретар на НАТО

Назначувањето на Руте стана формалност откако неговиот единствен противник, романскиот претседател Клаус Јоханис, минатата недела изјави дека се откажал од трката за Генерален секретар на НАТО

-

Холандскиот премиер Марк Руте денес беше официјално назначен за новиот Генерален секретар на НАТО.

Назначувањето на Руте стана формалност откако неговиот единствен противник, романскиот претседател Клаус Јоханис, минатата недела изјави дека се откажал од трката за Генерален секретар на НАТО.

Руте официјално ќе ја заземе позицијата на 1 октомври, наследувајќи го Норвежанецот Јенс Столтенберг, кој десет години ја држи својата позиција.

„Алијансата е и ќе остане камен темелник на нашата колективна безбедност. Водењето на оваа организација е одговорност што ја сфаќам сериозно“, објави Руте на X.

Откако холандскиот премиер претходната година го искажа својот интерес за функцијата, тој веднаш доби поддршка од клучните членки на алијансата, вклучувајќи ги САД, Велика Британија, Франција и Германија.

Други членки беа повоздржани со нивната поддршка, особено претставниците од  источноевропските земји, кои сметаа дека некој од нивниот регион треба да ја заземе позицијата за прв пат. Сепак, тие на крајот го поддржаа Руте, кој е жесток критичар на рускиот претседател Владимир Путин и верен сојузник на Украина.

Руте ќе се соочи со предизвикот да ја задржи поддршката на сојузниците за борбата на Украина против руската инвазија, истовремено избегнувајќи директно учество на НАТО во војната.

Дополнително, постои можноста дека Доналд Трамп, кој е НАТО-скептичен, може да се врати во Белата куќа по претседателските избори во САД во ноември. Можното враќање на Трамп ги загрижи лидерите на НАТО бидеји поранешниот претседател ја доведе во прашање подготвеноста на САД да ги поддржат другите членки на алијансата доколку се нападнати.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.