Грб на Град Скопје во салата на Советот на градот | Фото: Град Скопје, 2017 година

Советот на Град Скопје вчера одбил да ги стави на дневен ред на 72-та седница трите најгласани предлози на платформата „МојГрад“, реагираат од Иницијативата „Зелен Хуман Град“. Во нивното соопштение се вели дека советниците од владејачката коалиција ги отфрлиле барањата, а советниците од ВМРО-ДПМНЕ биле воздржани.

Инаку предлозите предвидуваат да се доделат субвенции за стерилизација на миленици, да се подобри пристапот за лицата со попреченост и да се пренамени напуштената фабрика „Купрум“ во студентски град.

Од иницијативата велат дека образложението од градот Скопје е дека на тие предлози веќе се работи. Но, посочуваат дека немаат информации за конкретни активности.

Додаваат дека, овие три одбиени предлози остануваат на нивната агенда и дека коалицијата од 12 организации и активистички групи од Скопје, која стои зад платформата „МојГрад“, ќе продолжи да работи на нивна реализација преку други канали.

„Со денешната демонстрација на моќ, уште еднаш беше потврден недостигот од демократски капацитет на партиско-политичката класа, како главна причина за урбаната декаденција на Скопје низ годините. Повеќе од илјада гласови за само десет дена на „МојГрад“, укажуваат дека скопјани очајно имаат потреба за поинакви градски политики, но градските власти, наместо да го спроведат тоа за што заедницата се изјаснила дека и е потребно, како и секогаш, наоѓаат бирократски изговори за нивната пасивност. Вчерашната одлука на Советот е пораз за демократијата“, реагираат од Иницијативата.

Посочуваат дека, единствениот начин да се допре до власта е поголема масовност во гласањето на предлозите и поквалитетна дебата за изнаоѓање на најдобри решенија.