Филмот „Кајмак“ на Манчевски ќе има премиера во Токио

Фото: Тимот на „Кајмак“

Новиот филм „Кајмак“ на режисерот Милчо Манчевски ќе биде прикажан во официјалната селекција за награди на меѓународниот филмски фестивал во Токио, што ќе се одржува во периодот од 24 октомври до 2 ноември.

Македонската премиера на филмот е планирано да се случи кон средината на ноември. На денешната средба со новинарите, министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска кажа дека светот дознал за Македонија преку филмовите на Манчевски, кои ја пренеле вредноста на македонската културата во сите земји.

„Кајмак“ е приказна за две семејства кои се пристојни на почетокот, а среќни на крајот. Тој е безмилосна критика на малограѓанското лицемерие и апотеоза на индивидуалната слобода.

„Кајмак“ е финансиран со пари од државните фондови на Данска, Холандија и Хрватска, како и од најреномираниот европски фонд Еуроимаж. Агенцијата за филм на Северна Македонија обезбеди 48 отсто од буџетот. Копродуцент е Македонската радио телевизија.

Во филмот играат Сара Климоска, Камка Тоциновски, Александар Микиќ, Симона Спировска, Ана Стојановска, Филип Трајковиќ, Петар Мирчевски, Сашка Димитровска, Лазе Манасковски, Јасмина Василева, Дејан Лилиќ, Елена Кузманов, Крсте Роџевски, Ратка Радмановиќ, Ана Димитрова, Никола Ристески, Ангела Димитрова, Соња Михајлова, Александра Пешевска, Ѓорѓи Јолевски, Љиљана Богојевиќ, Сара Станиќ и други.