fbpx

Еквалис: Омраза, смртни закани и повици за линч за летната школа за ЛГБТИ+ млади и сојузници

Здружението минатиот месец поднело кривична пријава против лидерот на политичката партија „Интегра“, Љупчо Ристовски, Гордана Гоџо и други лица-корисници на социјални мрежи, за сторено кривично дело Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем. Најавуваат дека, доколку државата не ги казни сторителите, ќе ја бараат правдата пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур

-

Со омраза, закани по живот, повици за линч и истерување од град се соочило Здружението за едукативен развој Еквалис по објавениот повик за учество на Летната школа за ЛГБТИ+ млади и стрејт/цис-родови сојузниц(чк)и.

Преку отворено писмо до јавноста, здружението ја раскажува голготата низ која поминале нивните членови при организирањето на школата во Кратово, чија цел била да изгради пријателства меѓу ЛГБТИ+ младите и нивните врсници.

Еден од првите гласноговорници против летната школа, велат од таму, бил лидерот на конзервативната политичка партија „Интегра“, Љупчо Ристовски, кој во своја објава на Фејсбук ја повикува МПЦ-ОА „жестоко да реагира, како и сите христијански цркви, деноминации и заедници во Македонија“.

„Во својот статус на Фејсбук тој ја презеде објавата на Еквалис за неформалниот дел од школата, тематски насловен како ‘Гатање на квир тарот, друштвени игри и гледање во ѕвезди’. Во неговиот статус, тој вели: ‘Според Библијата, сите овие наведени ‘игри’ се дело на ѓаволот лично и за таквите се превидува страшен крај, но и за сите оние кои ги поддржуваат, промовираат и практикуваат… Тоа се делата на злото’. Потоа, тој ја повикува Црквата да реагира: ‘Очекувам црковното лидерство на МПЦ-ОА жестоко да реагира, како и сите христијански цркви, деноминации и заедници во Македонија. Ова е длабоко заоѓање во пропаста’“, соопштија од Еквалис.

Од таму додаваат дека на Ристовски му се приклучила „познатата антиваксерка и личност којашто стана позната по своите теории дека ковид вирусот не постои“, Гордана Гоџо.

„Во деновите што следат, тимот на Еквалис следеше како и локалната заедница во Кратово почнува да се мобилизира околу ова прашање. Одредени профили на социјалните мрежи коишто сè до тој момент се занимавале со промоција на природните убавини на Кратово, сега наеднаш го повикуваат локалното население остро да реагира на одржувањето на оваа школа. Еден од коментарите на објава на оваа страница вели: ‘Фрлете ги ‘учителите’ од Радин мост во провалија’“, велат од Еквалис.

Во отвореното писмо, од ова здружение пренесуваат повеќе коментари и пораки кои ги добиле изминатиов период, а во кои се забележуваат повици за насилство и пцости.

„Во овие коментари не само што ќе видите повици за смрт, омраза, туку ќе видите и кукавичлук. Како партиски лидери и проминентни анти-родови активисти ги распалуваат емоциите на граѓаните, ги поттикнуваат да ‘мониторираат’ на терен, за потоа млади деца од 16-20 години да потпаднат на ваквите провокации. Ова се вика користење на децата како топовско месо. Децата коишто се радикализираат, се повикуваат на екстремистички активности, како палење глувци во соба, тепање луѓе и слично се резултат на општество во коешто партиските лидери, таканаречените ‘активисти’ и Црквата ги користат како оружје за да ги остварат своите фашистички идеи за свет во кoj ЛГБТИ+ луѓето не постојат, додека нивните раце остануваат чисти, а тие само го прават она што е најлесно да се направи – да се нахушка и распали еден народ“, стои во отвореното писмо на Еквалис.

Здружението минатиот месец поднело кривична пријава против Љупчо Ристовски, Гордана Гоџо и други лица-корисници на социјални мрежи, за сторено кривично дело Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем. Најавуваат дека, доколку државата не ги казни сторителите, ќе ја бараат правдата пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

Летната школа била одржана, но, наместо во Кратово, организаторите ја дислоцирале тајно, под 24-часовно обезбедување.

Од Еквалис ги повикуваат граѓаните на солидаризација.

„Наједноставно е да се тргне  во организирана борба против најслабите и најранливите во ова општество, како што се ЛГБТИ+ луѓето. Но, на крајот од денот, тоа нема да ви донесе подобри услови во живот во државата, тоа нема да ги реши проблемите во здравствениот систем, тоа нема да ви донесе парче леб на маса, тоа нема да ги спречи вашите деца да ги напуштаат домовите и да си заминуваат засекогаш од овде во проклетиот Запад, барајќи ја својата иднина илјадници километри подалеку од дома. Напротив, држејќи ве дефокусирани, целосно хипнотизирани во омраза против ЛГБТИ+ луѓето, против етничките малцинства, против жените, против најранливите, мафијата во оваа држава ќе краде, корупцијата ќе цвета, државата ќе пропаѓа, а ЛГБТИ+ луѓето (понекогаш тоа се вашите најмили) секогаш ќе бидат лесна мета за насилство и прашање кое ќе се користи за да се тргне фокусот од вистинскиот криминал и вистинските проблеми“, велат од Еквалис.

Отвореното писмо во целост може да се прочита на овој линк.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

По една ѕвезда на Широк сокак за лауреатите на Златна Камера 300 за животно дело

На годинашното јубилејно 45. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ по прв пат на Широк сокак во Битола, ќе бидат откриени ѕвезди на сите досегашни добитници...