fbpx

ЕКРИ изразува загриженост за меѓуетничкиот говор на омраза во земјава

Во последниот извештај на Европската комисија против расизам и нетолеранција (ЕКРИ), се изразува сериозна загриженост во однос на говорот на омраза во секојдневната интеракција помеѓу Македонците и Албанците, а се потенцира и дека поголемиот дел од инцидентите на наидуваат на внимание од властите

-

Повеќето случаи на говор на омраза во Северна Македонија се однесуваат на меѓуетничките односи меѓу Македонците и Албанците, а и други етнички групи, како Роми или Бугари, кои исто така се жртви на говор на омраза. ЛГБТИ лицата се друга група која често е цел на говор на омраза, особено на интернет и на социјалните мрежи.

Ова се само дел од последниот извештај на Европската комисија против расизам и нетолеранција (ЕКРИ), каде што се изразува сериозна загриженост во однос на говорот на омраза во секојдневната интеракција помеѓу Македонците и Албанците, а се потенцира и дека поголемиот дел од инцидентите на наидуваат на внимание од властите.

Извештајот, се однесува на период од усвојувањето на петтиот извештај за земјава на 18 март 2016 година до 30 март 2023 година, содржи и препораки со кои се бара од властите да преземат мерки во неколку области за кои се однесуваат воочените забелешки.

„Училишниот систем сè уште е во голема мера сегрегиран според јазичните текови (македонски и албански), при што често на ученици од двете етнички групи им се предава во посебни згради или преку системи во смени, со што се намалуваат важните интеракции меѓу децата кои говорат двата јазика или се од две етнички групи“, се вели во Извештајот.

ЕКРИ препорачува да се преземат напори за прекин на „де-факто сегрегацијата на децата“ од македонско и албанско етничко потекло во мултијазичните училишта.

Посебен дел е посветен на антибугарскиот говор во земјава, за кој исто така се вели дека е честа појава.

„Типичен антибугарски користен стереотип е дека сите Бугари се етикетираат како „фашисти“. Друга широко распространета навреда е насочена кон Бугарките, прикажувајќи ги како „евтини проститутки“, констатира ЕКРИ.

Во Извештајот се препорачува „властите да продолжат да заземаат силен јавен став осудувајќи ги сите форми на насилство врз лицата кои се самоидентификуваат како етнички Бугарите или нивните организации, како и да се осигураат дека тоа го прават и властите на локално ниво“.

Во Извештајот се вели дека и покрај различните напори за подобрување на состојбата на припадниците на ромската заедница, нивната социјална маргинализација и исклученоста сè уште опстојуваат.

Состојбата со домувањето е сè уште тешка за многу Роми. Во делот на образованието, стапките на уписи сè уште се под просекот на остатокот од населението, особено кога станува збор за средното образование. Особено загрижувачки во делот на здравјето е стапката на смртност на доенчиња која е двојно повисока меѓу Роми во однос на останатите, заклучува ЕКРИ.

ЕКРИ смета дека Комисијата за спречување и заштита од дискриминација се соочува со предизвици во обезбедувањето соодветен персонал и буџетски ресурси. Тие, како и Народниот правобранител, се борат со проблеми предизвикани од потребата за одобрение од Министерството за финансии за секоја финансиска трансакција што сакаат да ја направат од сопствените буџети, ограничувајќи ја ефикасноста и потенцијално претставувајќи ризик за нивната севкупна независност.

Според сознанијата на ЕКРИ добиени од македонските граѓански организации, во последните неколку години неофицијално имало околу 800 инциденти мотивирани од омраза. Во најголем дел од тие случаи се работело за инциденти меѓу млади од македонската и албанската етничка заедница, кои најчесто не биле пријавувани.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Полицијата ги растера пропалестинските активисти од зградата на универзитетот во Париз

Француската полиција денес влегла во зградата на парискиот универзитет „Сијанс По“, и ги растерала пропалестинските активисти. Група од околу 70 студенти ја окупирале зградата на Институтот за политички науки во...