Две жртви во сообраќајки во Арачиново и на автопатот Градско – Велес

Две лица ги загубиле животите во сообраќајни незгоди што се случиле вчера, соопшти МВР. Првата сообраќајка се случила околу 17.30 часот, на улицата 1 во селото Арачиново. А.С. (29) од Арачиново, кој управувал со џип „мерцедес“, удрил во С.Ш. (60), кој починал веднаш, и во едно шестгодишно дете, кое било пренесено во Ургентен центар Скопје.

Откако  удрил во пешаците, А.С. избегал, а три часа подоцна се појавил во полициска станица и кажал дека бил нападнат од непознато лице и затоа избегал.

Полицијата извршила увид и работи на расчистување на случајот.

Втората сообраќајка се случила на автопатот Градско – Велес, околу 23 часот. Се судриле автомобил „мазда 626“ со велешки таблички, управуван од Н.З. (19) од Велес, и автомобил „цитроен АХ“ со кумановски таблички, сопственост на кумановец, а управуван од непознато лице, кое го загубило животот. Сепак, полицијата според пронајдената лична карта во возилото, претпоставува дека се работи за Б.С. (42) од кривопаланечкото село Псача.

Телесни повреди добиле сопатниците од возилото „мазда 626“ С.З. (46) и еден 16-годишник, кои со возило на итна медицинска помош биле пренесени во Општа болница Велес, а по укажаната лекарска помош се пуштени на домашно лекување.

Увид извршиле јавен обвинител и екипа од СВР Велес, а по наредба на јавен обвинител над телото на починатиот ќе се врши обдукција во Институтот за судска медицина во Скопје.