Две дела на писателот Александар Прокопиев се застапени во публикацијата Les Lettres Europeenes

Фото: Prozart media

Македонскиот писател, прозаист и есеист, Александар Прокопиев со своите дела „Човечулецот“ и „Ѕиркачот“ влезе во најновата реномирана француска публикација за историја на европските книжевности „Les Lettres Europeénnes“.

Автори на едицијата се четворица универзитетски професори, Аник Беноа-Дисосо, Ги Фонтен, Јан Једрзејевски и Тимур Мухидин, во заедничка соработка со двесте книжевници од Европа. Предговорот на ова издание е на нобеловката Олга Токарчук.

Меѓу значајните имиња на современата европска литература, во ова издание, во неговото последно поглавје „Тенденции и современи фигури, 1989-2021“, се наоѓаат имињата Херта Милер, Елфриде Јелинек, Слободан Шнајдер, Мануел Ривас, Олга Токарчук, Биљана Србљановиќ, Јури Андрукович, Људмила Улицкаја.

„Les Lettres Européennes“ е европска асоцијација формирана во 1988 со седише во Франција. Како организација обединува автори, преведувачи, литературни критичари, актери, професори и посветени читатели.

Александар Прокопиев е прозаист и есеист со творештво кое бележи повеќе од десетина дела, книги и раскази. Тој дипломирал и магистрирал на Филолошкиот Факултет во Белград, на групата за компаративна книжевност и теорија на литературата, а моментално работи во Институтот за македонска книжевност при Филолошкиот факултет во Скопје. Неговите дела се преведени на англиски, јапонски, француски, чешки, германски, унгарски, полски, италијански, руски, српски, бугарски и албански јазик. Во 2007 година за новелата „Ѕиркачот“ беше номиниран за книжевната награда „Балканика“.