Дојавите за бомби го искомплицираа оценувањето на средношколците за тримесечјето

Гимназијата „Јосип Броз Тито“ во центарот на Скопје; Фото: Мета.мк

Дојавите за поставени бомби во скопски училишта за средно образование, за кои се покажува дека се лажни, во шест наврати го прекинуваа наставниот процес. Тоа значеше губење часови, како и неможност професорите да ги тестираат и испрашаат учениците, за да можат да им напишат оценки за тримесечјето, како што налага законот. Училиштата досега не добиле насока од Министерството за образование и наука во однос на тоа, како ќе се надомести загубената настава. За да се формира оценка за тримесечје, мора да биде реализиран потребниот фонд часови, а тоа изостанува во училиштата каде што наставата се прекинува.

„Конкретно во нашето училиште, прекин на настава заради закана од бомба, постојано се случува само во една смена. Во смената во која наставата тече нормално се евидентираат изостаноци, се ставаат оценки, но во другата смена нема изостаноци и оцени бидејќи имаме вонредна ситуација. Затоа професорите се снаоѓаат, бараат начини како да ги оценат децата. Ги повикуваат во кабинет вон нивната смена, за да го дополнат часот и да дооформат оцени“, објаснува за Мета.мк Александар Сибиновски, директорот на стручното училиште „Владо Тасевски“.

Директорот на гимназијата „Орце Николов“, Митко Димовски, пак, вели дека во ова училиште децата се оценуваат или пред часови или пак, се викаат на дополнителна настава каде што професорот ја формира оценката.

„Не сме добиле насока од МОН што да правиме во однос на одработувањето на изгубените часови, но во меѓувреме професорите наоѓаат начини да ги оценат учениците. Некаде им се даваат тестови, некаде се испрашуваат усно. Важно е дека ќе бидат оценети за тримесечје“, вели Димовски.

Вчера неколку училишта во Скопје повторно добија закана за дојава за поставена бомба, шеста по ред откако беше испратена првата на службените мејлови на 26 октомври. Сите дојави засега беа лажни. МВР не соопштува детали околу истрагата. Пред една недела беше приведено едно лице, но обвинение за ова лице, немаше.