Димитров, Коѕијас и Нимиц ќе го потпишат договорот денеска во Преспа

Премиерот Зоран Заев, ја предводи делегацијата на Владата, на свечената цермонија на потпишувањето на конечниот договор за решавање на македонско-грчкиот спор за името и за стратегиско партнерство, што денеска, ќе се одржи на македонската и на грчката страна на Преспанско Езеро.

Премиерот Заев и македонската делегација, во чиј состав се замениците претседатели на владата, министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, како и министерот за надворешни работи, Никола Димитров, денеска ќе пристигнат во Псарадес, на грчката страна, каде што ќе бидат пречекани од премиерот на Република Грција, Алексис Ципрас и од грчката владина делегација, и каде што министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас ќе го потпишат договорот, заедно со медијаторот во преговорите, амбасадорот Метју Нимиц.

На делот од заедничкиот настан на свечената церемонија во Република Грција, свои обраќања ќе имаат премиерите Заев и Ципрас.

Според агендата на настанот, официјалната средба на двете делегации потоа ќе продолжи на македонската страна на Преспа, во Отешево, каде што двете делегации ќе имаат билатерален разговор и свечен ручек.

За време на целата церемонија, и во Грција и во Македонија, ќе присутсвуваат потсекретарката за политички прашања на Обединетите нации, Розмари Ди Карло, Високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика на Европската унија и Заменик-претседателка на Европската комисија, Федерика Могерини, и Комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на Европската унија, Јоханес Хан.