Домаќинот Франција победи на годинешното издание на детската верзија на „Изборот за песна на Евровизија“ што се одржа по 21 пат.
На овогодишното издание што се емитуваше во живо од Ница, Франција, учество зедоа вкупно 16 земји, а за победничка беше прогласена Зое Клаузур со песната „Cœur“ (Срце), која заврши на врвот со вкупно 228 бодови.
Ова е трета победа за Франција на јуниорската верзија на Евровизија.
Македонската претставничка Тамара Грујеска која настапи со баладата „Кажи ми, кажи кој“, заврши на 12-тото место, освојувајќи вкупно 76 бодови од онлајн гласањето и гласовите на националните жирија на земјите-учеснички.
Гледачите можеа да гласаат за своите омилени песни на два начина: преку онлајн гласање пред почетокот на шоуто, при што гласањето се засноваше на делови од пробите, како и онлајн гласање за време на натпреварот, при што гледачите имаа можност да гласаат во рок од 15 минути по завршувањето на последниот настап.
