Денеска избори во САД коишто ќе определат кој ќе ја има контролата во Конгресот

Фото: Луис Веласкез (Louis Velazquez) на „Ансплеш“ (Unsplash)

Милиони американски граѓани денеска гласаат на избори за нови членови на Конгресот, кои ќе определат кој ќе ја има контролата во парламентот на САД. На изборите се избираат членовите на двата дома на Конгресот, и тоа сите членови на Претставничкиот дом и една третина од членовите на Сенатот. Воедно, на денешните избори се гласа и за повеќето гувернери на американските држави.

Американскиот претседател Џо Бајден и неговиот претходник Доналд Трамп на партиските собири ги судрија аргументите. Би-би-си пишува дека способноста на Бајден да донесува закони ќе биде значително отежната доколку Републиканската партија ја освои контролата на Конгресот, какви што се очекувањата од повеќето проекции за јавното мислење.

Демократите во моментов ја контролираат Белата куќа, имајќи го Џо Бајден за претседател и со мала разлика имаат мнозинство во двата дома на Конгресот. Инаку, конгресните избори на средината на мандатот на претседателот често се сметаат за своевиден референдум за постигнатото од претседателот на САД.

И покрај исполнувањето на ветувањата за намалување на цените на лековите на рецепт, ширењето на обновливата енергија и обновување на инфраструктурата, Бајден забележа дека неговата популарност страда поради најлошата инфлација во последните четири децении, рекордните нелегални преминувања на границата меѓу САД и Мексико и загриженоста на гласачите за криминалот.

Актуелниот претседател Бајден беше во посета на државата Мериленд во понеделникот вечерта, на митинг од кампањата на гувернерот Вес Мур.

„Денеска се соочуваме со точка на свртување“, рече Бајден, додавајќи дека „знаеме оти нашата демократија е во опасност и дека ова е вашиот момент да ја одбраниме“.

Би-би-си додава дека повеќе од половината од републиканските кандидати на денешните избори покренаа сомневања за интегритетот на изборите во Белата куќа во 2020 година, повторувајќи ги лажните тврдења на Доналд Трамп за широко распространета измама.

Инаку, Доналд Трамп ја мина предизборната ноќ со своите приврзаници во државата Охајо.

Поранешниот претседател рече дека ќе даде „многу голема најава“ на неговиот имот Мар-а-Лаго на Флорида на 15 ноември, навестувајќи дека би можел да се кандидира на претседателските избори што би се одржале во 2024 година во САД.

„Ако сакате да го запрете уништувањето на нашата земја, тогаш утре мора да гласате за Републиканците во џиновски црвен бран“, рече Трамп, нарекувајќи ги луди луѓе лицата кои ќе гласаат за „радикалната левица“, односно за Демократите.

На Републиканската партија на Трамп ѝ требаат само пет места за да го добијат мнозинството во Претставничкиот дом и едно место за да го преземат рамномерно поделениот Сенат.