Фото: Принтскрин

Првата пешадиска бригада на АРМ само лани спречила 1.400 обиди за илегално минување на границата и извршила 300 поправки на заштитната ограда во реонот на Гевгелија, како дел од поддршката на полицијата во обезбедувањето на јужната граница, каде што од 2015 година трае кризна состојба поради бранот мигранти, главно од Блискиот Исток. Ангажманот на бригадата беше нагласен на денешната свеченост по повод Денот на Првата пешадиска бригада, на која на војниците им беше оддадено признание за обезбедувањето на границата, но и за поддршката во справувањето со пандемијата и за учеството во операциите вон земјата.

На сите припадници на првата пешадиска бригада го честитаме Денот на единицата. Најголемиот борбен состав во Армијата препознатлив не само по стекнатото искуство и учество во мировните операции во Авганистан и Ирак, ангажирањето на јужната граница, високите резултати од реализираните оценувања и вежбовни активности, туку и со постојаната несебична помош и асистенција на граѓаните и институциите на Република Северна Македонија секогаш кога тоа е потребно. Во состав на бригадата е нашата најголема декларирана единица-лесниот пешадиски баталјон кој во следниот период ќе ја потврди своја подготвеност на вежбата „Одлучен удар 21“, порача Генералштабот на АРМ.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска пред војниците на свеченоста во касарната „Страшо Пинџур“ истакна:

Само лани спречивте околу 1.400 обиди за илегално минување на границата…. Со околу 300 интервенции во граничниот регион кај Гевгелија, ја заштитивте и ја одржавте функционална безбедносната ограда. Ја браневте својата татковина, ги браневте своите граѓани

Кризната состојба на јужната и на дел од северната граница трае од август 2015 година, кога беше прогласена за да може АРМ да и помогне на полицијата во справување со бранот мигранти. Од тогап, Собранието на секои 6 мерсеци ја продлжува одлуката за кризна состојба. Но, откако вчера Собранието поради блокадата од Алијанса за Албанците и Алтернатива не успеа да ја продолжи кризната состојба на границата за нови шест месеци, вчера Владата донесе одлука со која ја продолжуива за 30 дена, право кое го има со Законот за управување со кризи.