Децата со посебни образовни потреби ги бараат своите асистенти, министерката ја префрла вината на директорите

Додека дел од родителите на децата со посебни потреби тврдат дека образовни асистенти сè уште нема и нивните деца не можат да посетуваат настава, министерката за образование и наука вели дека задача на училиштата е да планираат кога да го распишат и објават конкурсот

Фото: МОН

Пет дена откако започна учебната година, децата со посебни образовни потреби сè уште не можат да посетуваат настава бидејќи немаат образовни асистенти. Родителите на овие ученици тврдат дека нивните деца си ги бараат своите асистенти и е многу важно тие да не се менуваат често. Од друга страна, министерката за образование Весна Јаневска посочува оти обврска на училиштата е да ги објават конкурсите за ангажирање на асистентите.

„На 2 септември, моето дете беше на училиште. Почна да плаче кога виде дека ја нема неговата асистентка на која е навикнат. Тој сака, а не оди на училиште бидејќи нема асистент, а јас не знам како да му објаснам зошто седи дома додека неговите деца одат секој ден на часови“, вели за Мета.мк Зоран Мијалков од Штип, родител на шестоодделенец со посебни образовни потреби.

Мијалков е претседател на здружението „Сплотени срца“, во кое членуваат околу 3.000 семејства. Реагира што иако учебната година е започната, во училиштата нема образовни асистенти за децата кои имаат потреба од нив.

„Целото лето го имаа за да ги завршат сите постапки околу ангажирање образовни асистенти за учениците со посебни образовни потреби. Сега нашите деца си седат дома, си страдаат додека нивните врсници одат на настава. И денеска да ги изберат новите асистенти, има рокови за жалби кои мора да завршат, а сето тоа е одолговлекување кое е на штета на децата со посебни потреби“, вели Мијалков.

Неговиот син е шесто одделение во „Ванчо Прке“ во Штип, а тоа е период на премин од одделенска во предметна настава и период кој е специфичен за децата со посебни образовни потреби. Од друга страна, тој потенцира дека е многу важно за едно дете со посебни образовни потреби да не му се менува асистентот.

„Страшно уназадување може да се случи со детето ако му се менува личноста со која е навикнат да седи и да работи додека е на училиште. Тие вработувања на асистентите треба да се трајни, а не да им се менуваат на децата. Моето дете си ја бара неговата асистентка. Никому не му е грижа што првиот ден плачеше кога виде дека ја нема. Исто така, проблем е што има и двонеделни обуки за идните асистенти, период кој е многу кус. Надлежните мислат дека со две недели ќе добијат готов прозвод, асистенти. Си играме инклузија“, револтиран е Мијалков.

За пофалба, според него е тоа што за првоодделенците ќе бидат ангажиран 200 асистенти на ниво на држава.

Наспроти изјавата на Мијалков, министерката за образование и наука Весна Јаневска тврди дека во училиштата има асистенти за децата.

„Децата со попреченост имаат и ќе имаат асистенти. Досега се обезбедени 815 образовни асистенти, за останатите 200 асистенти се чекаше на ребалансот на буџетот, за да се обезбедат средства“, вели Јаневска.

Според нејзе, Министерството за образование и наука ја завршило својата задача, а „конкурсите за ангажирање на асистентите е обврска на училиштата со ресурсни центри и нивна задача е да планираат кога да го распишат и објават конкурсот“.

Зошто поставуваме директори на училишта ако не си ги знаат своите основни обврски, прашува Јаневска.

Министерката информира дека во тек е потпишувањето на договорите за ангажирање на 815 образовни асистенти, додавајќи дека конкурсот за дополнителните 200 образовни асистенти е отворен за пријавување.

„Годинава бројот на образовни асистенти е значително поголем за разлика од претходните години. Ако има потреба, зависно од барањата на родителите, следната учебна година ќе ангажираме уште поголем број“, рече таа.

И Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) пред неколку дена реагираше за доцнењето на ангажманот на асистенти во училиштата и апелираше до Министерството за образование и наука (МОН) да ја почитува обврската за обезбедување на правото на образование за секое дете без дискриминација.

Комисијата неодамна исто така побара МОН навремено да осигура разумно прилагодување согласно индивидуалните потреби на секој ученик, добивање на соодветна индивидуализирана поддршка, како и поддршка на наставниците во работата со учениците со попреченост.

Оттаму потсетија на коментарите на Комитетот за правата на лицата со попреченост при Организацијата на Обединетите Нации, дека „инклузивното образование треба да се сфати како основно човеково право на сите ученици.“

„Ги повикуваме сите родители и ученици на кои им е оневозможено правото на образование, да ја пријават дискриминацијата до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, а Комисијата по службена должност ќе се обрати до училишта со ресурсен центар за да ја утврди фактичката состојба со процесот на селекција и склучување на договори за работа со образовните асистенти“, велат од Комисијата.