Владата во предизборната програма направи стратегија како наставниците кои ги имаме да ги направиме функционални за да останат во образовниот процес, рече во одговор на новинарско прашање министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Според неа, со масовното иселување од државата се појавил т.н. вишок на наставници, за кои министерката смета дека треба да бидат функционални.
„Стратегијата е едносменското работење, подолгиот престој на учениците и наставниците, како и целодневната настава која се покажала како многу ефикасна во повеќе земји. Кога ќе направиме нормални паралелки, а не класови од по десет, петнаесет ученици, туку, да речеме, ќе ги сведеме на дваесет“, рече Јаневска пред панел-дискусијата „Образование водено од реалните потреби на учениците – паметно инвестирање во наставниот кадар и инфраструктура“ во организација на Здружение за истражување и анализи ЗМАИ.
Министерката вели дека наставникот што е вишок ќе продолжи да работи во втората половина на денот според програмата која опфаќа многу додатни предмети, изборни, воннаставни активности, работа со талентирани деца.
„Идејата е целиот фонд на наставници да го искористиме за учениците да добиваат подобри знаења“, рече Јаневска.
Министерката за образование кажа и дека на наставниците ќе им се понуди како можност да се префрлат на работа во одредени институции од образованието што се слаби со човечки капацитети, како Бирото за развој на образованието, Државниот просветен инспекторат, Државниот испитен центар и Центарот за средно стручно образование.
„Ќе им понудиме на наставниците, откако ќе направиме мали измени во законите, да се префрлат во овие институции за да може да дадат свој импакт на образованието, односно да го пренесат своето искуство и знаење на оние наставници на кои им требаат обуки и помош. Процесот е огромен и комплициран, но заедно со нашите странски партнери имаме енергија и волја да направиме нешто за целокупното образование да се подобри“, изјави Јаневска.
Во однос на проектот за оптимизација на училиштата, Јаневска рече дека очекува силен ефект во подобрување на знаењето на учениците. Според неа, нема подобрување на образованието ако не се рационализираат трошоците.
„Училиштата што имаат две, три или десет деца ќе треба учениците да се припојат на централните училишта каде има повеќе ученици за да тие имаат бенефит од образовниот систем. Прво ќе се социјализираат со ученици од своја возраст, ќе се сместат во подобри инфраструктурни услови, ќе имаат подобри информатички и технички средства за користење, ќе имаат поголем број на наставници, ќе се издвојат од сопствената средина каде се заробени по цел ден и ќе се дружат со деца каде ќе можат да развијат компетитивни способности. Тоа значи дека очекуваме овој процес да им овозможи на учениците стекнување подобри знаења, вештини и компетенции“, рече министерката за образование.
Јаневска кажа дека досега, со помош на УНИЦЕФ и Светска банка, била направена оптимизација во десет општини, а најави дека следниот проект предвидува оптимизација во уште дваесет општини.