fbpx

Чадиковски: Ако не престане насилството врз новинари, излегуваме на протести

Разговараше: Насер Селмани

-

Претседателот на Здружението на новинари на Македонија, Младен Чадиковски, во ексклузивно интервју за агенцијата „Мета“ зборува за политиката на неказнивост на нападите против новинари, негативното влијание на јавните пари во медиумите, за реформата на МРТ, како и за затвореноста на институциите.

МЕТА: Како ги оценувате етикетирањата и бојкотот на одредени политичари кон новинари и медиуми?

ЧАДИКОВСКИ: Во Македонија како да станува пракса политичарите да даваат квалификации за медиумите и новинарите. Тоа не е добро, а се засилува секогаш пред и по изборните кампањи, кога нервозата во општеството е посилно изразена. Секогаш ги осудуваме таквите настапи во обид да ги освестиме политичарите дека медиумите не се и не треба да бидат предмет на нивна опсервација, зашто тоа создава дополнителни тензии во општеството.

Политичарите се луѓе што имаат доста следбеници и ако продолжува таквата пракса, тоа понатаму може да продуцира дополнителни закани или дури и напади врз новинарите. Такви примери имавме неколку изминатиов период, добро е кога по нашите укажувања политичарите се повлекуваат и ги прифаќаат забелешките.

Сметавме и сметаме дека политичарите имаат најголема одговорност, бидејќи се јавни личности и мора да се потолерантни кон критиката. Од друга страна, и медиумите имаат одговорност да објавуваат точни информации, со добра проверка на фактите, така ќе ги избијат контрааргументите и перцепцијата дека се служат со невистини во остварување политички цели. Затоа и го промовиравме системот за саморегулација, фелата е таа што треба да ги исчисти сопствените редови, да ги одвои професионалците од непрофесионалците, тие што се бават со новинарство наспроти тие што измислуваат вести.

МЕТА: Заканите и нападите на новинари не стивнуваат, а старите не се расветлени. Што треба да се преземе за да се стави крај на политиката на неказнивост на насилството против новинарите?

ЧАДИКОВСКИ: Очигледна е недоволната свесност во првите луѓе на институциите што треба да ги гонат заканувачите кон новинари. Предметите најчесто заглавуваат во обвинителството или во судските процеси.

Наспроти тоа, кога постојат одредени закани кон политичари тие веднаш се процесуираат. Тоа е двоен аршин, до кога така? Тоа создава недоверба во системот. Не постоиме ние за политичарите, туку политичарите постојат тука, за нас граѓаните. Вака е сè испревртено.

Доколку не се преземе нешто сериозно на овој план, ќе мора проблемот да го адресираме и поинаку. Едно се јавните укажувања и обидите за да влијаеме, втора форма се протести. Да, ситуацијата со Ковид-19 пандемијата комплицира, но ако немаме друга опција за да покажеме колку е важно ова прашање, ќе мора да влеземе во други форми за да го манифестираме нашето незадоволство.

Обвинителствата се сосема незаинтересирани за случаи кога новинарите се оштетени. Но, ние не сме нужно зло во државава, ние сме потреба за да имаме поодговорна власт.

Мора да падне спрегата меѓу политиката и медиумите

МЕТА: Јавните пари на голема врата се враќаат во медиумите. Преку платеното политичко рекламирање на партиите огромни пари се слеваат во медиумите. Дали се враќа старата практика од времето на Груевски да се купува наклоноста на медиумите со јавни пари?

ЧАДИКОВСКИ: Постои огромна опасност јавните пари на мала врата да се востоличат како обид за финансирање на медиумите. Против тоа бевме кога Груевски беше на власт, сега исто така повторуваме дека не е добро што партиите располагаат со јавни пари, кои ги пласираат во медиумите.

Разлика има, таа е што тогаш од еден центар се распределуваа овие пари и создадоа корумпиран новинарски систем, сега парите се распределуваат од неколку центри, практично од неколкуте најмоќни партии.

Тие избираат каде и колку се рекламираат, кому му даваат пари, кому не, а со тоа опстојува опасноста да се купува наклоноста на медиумите.

Проблемот станува посложен ако се знае дека и самите медиумски газди, дел од нив, научени на ваква пракса, да сакаат да бидат дел од тој систем, но тоа нема врска со новинарството, само му одмага и го прави да биде зависно од политичките центри на моќ. Таа спрега мора да падне.

Новинарската фела да ги одбие јавните пари во медиумите

МЕТА: Дали ќе побарате од новата влада да го укине платеното политичко рекламирање во текот на изборната кампања?

ЧАДИКОВСКИ: Веќе го адресиравме проблемот. Побаравме од политичките партии, претенденти за состав на идната Влада да се укине платеното политичко рекламирање со јавни пари.

Ваква пракса не е добра, ретки се примерите каде таа функционира и ќе инсистираме ова да се смени. Не се должни граѓаните, даночни обврзници да им ги плаќаат парите на партиите, за овие да се рекламираат и со тоа да остваруваат влијание во медиумите.

Но, во исто време да си погледнеме и во сопствените редови, меѓу уредниците и газдите, и јасно да порачаме како фела дека државни пари во медиумите не ни требаат.

Потребна е политичка волја за реформите во МРТ

МЕТА: Јавниот радиодифузен сервис, Македонската радио-телевизија, никако да се реформира. Што планирате да преземете како ЗНМ за да го потикнете процесот на реформи во јавниот сервис?

ЧАДИКОВСКИ: МРТ, тоа псотојано го укажуваме, треба да биде темел и носител на новинарските промени, но и на промените во медиумската заедница. Поминаа 4 години, а не се мрдна ништо во оваа насока.

Идниот парламентарен состав мора да им ослободи простор на новинарските професионалци во МРТ. Таму и сега има добри кадри, но потребна е целосна посветеност со сериозни реформи во програмата, во информативната програма.

Веќе разговаравме со дел од полтиичките партии и сите декларативно се согласуваат дека мора да има промени. Но треба вистинска политичка волја од сите, и од оние што ќе бидат власт и од тие што ќе бидат опозиција, не за да си ги поделат местата во Советот, туку за да изберат професионалци.

За овој проблем и блокадата на процесот пак ќе ги информираме релевантните меѓународни институции. Не би сакале ова да се одрази лошо врз имиџот на земјата, но ние немаме друг избор освен гласно да го посочиме проблемот.

Без реформа во МРТ нема да има поместувања ниту во приватните медиуми, а медиумската сцена ќе остане како што е –  заробена во стегите што беа поставени во изминатата деценија. Најмногу штета од тоа трпат новинарските професионалци.

Ризично е сите судии да решават предмети за клевета

МЕТА: Изминатата влада иако вети ревизија на Законот за граѓанската одговорност за клевета тоа ветување не го исполни. Кои се вашите очекувања од новата влада во врска со оваа прашање?

ЧАДИКОВСКИ: Измена на овој закон беше обврска дадена уште од пред неколку години од страна на Прибе, кога партиите преговараа да се надмине тогашната политичка криза и колку што сме информирани од Министерство за правда, тие работат на анализа за измени и дополнувања во Законот за граѓанска одговорност од клевета и навреда.

Според нас, овој закон треба да претрпи мали измени, бидејќи истиот ја исполни целта и сега за разлика од минатото помалку се користи како инструмент за притисок кон новинарите. Овие измени треба да се во насока на дополнителна заштита на новинарите, бидејќи истите се поизложени да го прекршат овој закон поради природата на професијата, но и на заштита на самите граѓани од неодговорно новинарство во случаи каде што има очигледна тенденција да се наштети некому.

Нам повеќе нѐ загрижува имплементацијата на овој закон зашто од минатата година предмет за клевета или навреда каде што е вклучена како една страна новинар може да се падне кај било кој судија од граѓанските судии. До септември 2019 ова не беше случај и само мал број добро обучени судии на тема поврзана со правото на слободата на изразување решаваа за оваа специфична проблематика. Одлуката сите судии да решаваат за предмети за клевета и навреда носи ризик од неправични пресуди затоа што за голем дел од судиите постои сомнеж дека имаат познавање на прашања поврзани со ова основно човеково право.

Добар дел од институциите сè уште се затворени

МЕТА: Истражувачките новинари се жалат на нетранспаретноста на институциите. Како во иднина мислите да го адресирате овој проблем на новинарите?

ЧАДИКОВСКИ: Велат дека проблемот секогаш доаѓа од врвот. Кај нас, во земјава проблемот не е само таму. Проблемот е и во директорите на институциите, министерствата.

Претходната Влада имаше обиди за подигање на транспарентноста, и тоа на ниво на одредени министерства даде добри резултати. Но, не дава секаде и секогаш. Напротив, затвореноста на добар дел од институциите остана.

Ние почнуваме серија средби во вториот и третиот ешалон на државни инстутуции за да ги отвориме кон јавноста, кон новинарите. Не ни требаат директори затворени во канцеларии што уживаат во бенефициите, туку отчетни функционери. Верувам дека знаете дека тешко оди, но ќе ги извадиме од кацеларии, тоа ни е уште еден од приоритетите во наредниот период.

На мисла сме да направиме регистер на нетранспарентни институции согласно анкетите на новинарите што планираме да ги правиме. Со ова ќе бидат опфатени и министерствата и државните агенции, но и политичките партии.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...