Бруцошите од денес може да аплицираат за сместување во студентски дом

Студентите кои се пријавуваат на конкурсот треба да пополнат електронска пријава и да ја прикачат соодветната документација на интернет порталот „е-услуги“ на МОН. Рокот се пријавување е до 17 септември

Студентски дом Тетово / Фото: Порталб

Студентите што се запишуваат во прва година на додипломски студии на некоја од државните или приватните високообразовни установи од денес (вторник, 10 септември) можат да аплицираат за сместување во студентски дом.

За претстојната учебна година за бруцошите се предвидени вкупно 1.034 слободни места во државните и приватните студентски домови.

Најмногу слободни места за нив има во студентскиот дом „Орде Чопела“ во Прилеп (вкупно 266 места), а потоа во домовите „Гоце Делчев“ (219) и „Пелагонија“ (199) во Скопје. Во студентскиот дом „Томе Стефановски – Сениќ“ во Скопје, за студентите во прва година се предвидени 74 легла.

Студентите кои се пријавуваат на конкурсот треба да пополнат електронска пријава и да ја прикачат соодветната документација на интернет порталот „е-услуги“ на МОН.

Студентите може да конкурираат за прием само за еден студентски дом.

Рокот за пријавување на студентите од прва година – бруцошите трае од денеска па до 17 септември.

Конечниот список за прием на бруцошите ќе биде објавен најдоцна на 30 септември.

Студентите ќе имаат можност за приговори по објавувањето на резултатите, а приговорите се доставуваат во самиот дом каде што студентите имаат аплицирано, во рок од 10 дена од денот на објавување на резултатите.

Доколку по објавување на конечните списоци со примени студенти по домови останат непополнети сместувачките капацитети во одреден дом, пријавувањето ќе продолжи сè до пополнување на истите, но најдоцна до 30 ноември.

Повеќе информации, како и потребната документација може да се најдат на овој линк.