Бројот на штркови во Македонија за десет години пораснал за 60 отсто

Во земјава се евидентирани вкупно 1.765 гнезда на штркови. Како региони со најмногу гнезда се издвојуваат Пелагонија и Овче Поле

Штркови во Македонија / фото: Македонско еколошко друштво (МЕД)

Штрковите во Македонија се пребројани, објави Македонското еколошко друштво (МЕД) по спроведувањето на пописот во рамки на осмиот Европски цензус на штркови што се прави на секои десет години.

Попис на штрковите во земјава првпат се спроведе во 2014 година, а годинава е забележано зголемување на популацијата на овие птици и тоа за дури 60 отсто – бројот на активни гнезда, од 837 во 2014 година, годинава пораснал на 1.388.

Истовремено, годинава се извеле 49 отсто повеќе млади штркови споредено со 2014.

Во Македонија се евидентирани вкупно 1.765 гнезда на штркови – покрај 1.388 активни, има и 389 неактивни гнезда, односно гнезда во кои не се извеле млади, биле гнезда за спиење на штрковите или имало само една возрасна птица. Бројот на изведени штркчиња, пак, е 3.934.

„Штрковите најчесто ги населуваат рамничарските региони и најголем дел од гнездата се лоцирани во населените места“, велат од Македонското еколошко друштво.

Како региони со најмногу гнезда на штркови се издвојуваат Пелагонија (541 гнездо) и Овче Поле (326 гнезда).

Соодветно на бројот на гнезда, Пелагонија има најголем број на млади штркови – вкупно 1.170, што претставува еден од најважните региони за штрковите во Македонија, следено од Овче Поле и Кочанско Поле со 707 млади птици, додека Долно Повардарие и Радовишко – Струмичка Котлина, исто така, имаат висока бројност на млади, – со 367 и 545 соодветно.

Трите села во најмногу гнезда од штркови се Стојаково – 53 гнезда, Богородица – 45 гнезда и Росоман – 41 гнездо.

Најголем број на гнезда се наоѓаат на бандери (околу 76% од сите гнезда), кровови на куќи (18%), силоси, кровови и оџаци на фабрики (околу 5%), додека пак најмалку гнезда на штркови се лоцирани на дрва (помалку од 0,2%).

„Популацијата на белите штркови расте во цела Европа. Ваквиот пораст на бројноста на белите штркови се должи на успешноста на имплементираните мерки за заштита на штрковите, намалениот притисок од земјоделството, но и климатските промени играат важна улога бидејќи сега штрковите полесно наоѓаат храна во зимски услови, па така им се намалува и миграторниот пат“, велат од МЕД, од каде најавуваат оти ќе продолжат со следење на состојбата на штрковите.