Борел: Услов за средба на високо политичко ниво е и деескалација на ситуацијата во северно Косово

Борел повтори дека како прв чекор, четворицата градоначалници на северот на Косово треба привремено да работат на други локации надвор од општинските згради

Високиот претставник Жозеп Борел. Photo credit: European Commission

Итно прекинување на полициските операции во близина на општинските згради на северот на Косово, односно повлекување на специјалците од таму и најава за предвремени избори во северно Косово на кои ќе учествуваат и Србите, се барањата кои ги повтори високиот европски функционер Жозеп Борел, во писмото упатено до косовскиот премиер Албин Курти, во кое тој одговара на неговиот план за деескалација, пренесе Коссев.инфо.

Тој предупредува и на негативни последици, а услов за средба на високо политичко ниво е и деескалацијата на ситуацијата. Борел сака и Приштина во иднина да ги координира своите активности со меѓународните мисии присутни на Косово, а вчерашната акција во северниот дел на Митровица покажа, како што рече, дека тоа не е така.

Курти претходно го објави својот план за деескалација на ситуацијата и потврди дека својот план го претставил и на други европски претставници, вклучително и на шефот на европската дипломатија.

Курти со „предлог“ за северот на Косово, во Косовска Митровица станува тензично

 

Покрај благодарноста за испратеното писмо, Борел на Албин Курти, исто така, преку писмо му одговорил дека преку презентираниот план забележал оти премиерот на Косово не се занимавал со „некои клучни елементи кои ја предизвикале актуелната криза и кои мора да бидат решени со цел да се врати мирот на северот на Косово“.

Потоа, како што нагласи, му ги повторил елементите за таа деескалација, кои, уште еднаш нагласи, ги поставиле 27-те земји-членки на ЕУ и САД.

Борел повтори дека како прв чекор, четворицата градоначалници на северот на Косово треба привремено да работат на други локации надвор од општинските згради. Тој се надева дека и кандидатите на партијата на Курти од Лепосавиќ и С. Митровица ќе го сторат истото како и другите двајца.

„Градоначалниците на Зубин Поток и Звечан веќе го исполнија ова барање. Веруваме дека нивниот пример наскоро ќе го следат и градоначалниците на Лепосавиќ и на Северна Митровица, кои припаѓаат на вашата политичка партија“, се наведува во писмото.

Нова серија обвинувања меѓу Косово и Србија по апсењето на тројца косовски полицајци