Борбата на организациите за Програмата за заштита од ХИВ полека тоне во финансиска празнина

Фотографија од протестот „НЕ за штедење на луѓето“, фото: Ванчо Џамбаски

Во 2017 година Владата на Република Северна Македонија ги презеде сите финансиски одговорности за спроведување на програмите за заштита и превенција од ХИВ (вирусот што предизвикува хумана имунодефициенција) со што ја продолжи работата на Глобалниот фонд за борба против СИДА (синдром на стекнат имунолошки дефицит) што дотогаш инвестира 25,7 милиони долари за градење на националниот одговор кон ХИВ во земјава.

Согласно тогашниот заклучок на Владата, беше донесена одлука за издвојување на 60 милиони денари годишно за оптималното обезбедување на услугите за превенција за ХИВ. Почнувајќи од 2018, па до денес, усвоениот буџет e заокружен на 46,5 милиони денари што претставува намалување за 23 отсто. Сумата беше доделена на 14 граѓански организации од 12 градови, членови на Платформата за ХИВ во Македонија кои придонесуваат за борбата со имунолошката болест.

Важноста на редуцираните финансиски средства 

Според податоци што ги дава граѓанското здружение ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, во 2021 година успешно се покриле потребните трошоци за сите ХИВ позитивни лица во Македонија, но сумата наменета за превенција од ХИВ не соодвествувала со реалните трошоци на здруженијата.

„Терапијата за ХИВ се одредува индивидуално за секое лице со ХИВ и индивидуалната комбинација на лекови што се препишува на лицата чини различно. За моменталниот број од околу 320 пациенти, лекувањето е предвидено да чини 71 милион денари. Иако износот од 46,5 милиони денари не го обезбедува потребниот опфат, кога ќе се направи споредба со трошокот за превенција од ХИВ што изнесува 46,5 милиони денари, јасно е колку помалку чини „да се спречи, отколку да се лечи“, објаснува за „Мета.мк“ Весна Илиевска, проектна координаторка во ХЕРА.

Имено, Програмата за заштита на населението од ХИВ инфекцијата е начин да се достигне глобалната цел усвоена од Генералното собрание на Обединетите нации во 2021 година – до 2025 година процентот на лица што не се свесни дека имаат ХИВ да се сведе на помалку од 5 отсто, што ќе доведе до драстичен пад во преносот на инфекцијата и ќе овозможи да се стави конечен крај на епидемијата на ХИВ до 2030 година. 

Тука е и бројот на нови инфекции што секоја година се зголемува за околу 50 случаеви со што растат и трошоците за лекување кои за секое индивидуално лице се различни, па горенаведената сума од 70 милиони денари не е константа.

„Ако сме успешни со превенцијата и тестирањето, гледано подолгорочно, трошоците за лекувањето ќе опаднат во иднина. Ако потфрлиме со превенцијата, инфекцијата ќе продолжи да се шири со висока стапка и значително ќе пораснат и трошоците за лекување бидејќи така би имало многу повеќе луѓе на кои ќе им треба терапија“, посочува координаторката.

Буџетот повторно се менува, а се менуваат и условите

Програмата за заштита и превенција од ХИВ за 2022 беше објавена со задоцнување, на 15 февруари со истиот износ од 46,5 милиони денари како и годините претходно. Но, програмата со ваквата наведена сума беше со краток рок и важеше сè до крајот на месецот.

Еден месец подоцна, во март, Владата одлучи дека и тие средства се многу, па на повикот што го објави беше наведен нов износ, намален за 40 отсто од претходниот што исто така е веќе намален земено заокружената сума според одлуката на Владата во 2017 година.

Покрај буџетот, се смени и временскиот период за објавување на повикот и доделување на средствата на сите активни 14 здруженија. Повикот доцнеше три месеци по што сите граѓански организации во сите градови одделно со свои средства ги покриваа потребните трошоци.

„При ваквото сценарио со намалување на веќе редуциран буџет, ќе се сносиме со катастрофални последици од разгорување на епидемијата на ХИВ и загрозување на бројни животи. Дополнително, во изминатиот период од три месеци, и покрај доцнењето на јавниот повик, здруженијата продолжија со континуирано нудење на услугите за превенција на ХИВ, соочувајќи се со разни финансиски предизвици за системот на заштита да може да се одржи“, објаснува Илиевска.

Таа додава дека финасиите се обезбедувале преку заштедите на здруженијата, се работело волонтерски, а раководните лица на помалите здруженија од својот џеб плаќале за режиските трошоци, по што најмалите организации остануваат најпогодени од недостатокот од потребните финансии.

По новата владина одлука, Платфромата за ХИВ прозилезе со три протестни барања за промена, од кои едното гласи Владата и министерството за здравство преку интервентна поддршка да ги надоместат трошоците на здруженијата за првото тримесечје од 2022 година.

Загриженост и револт

„Анализа направена според методологијата на Европскиот центар за контрола на болести (ECDC) изнесе проценка дека на крајот на 2020 година, во нашата држава
околу 500 лица живееле со ХИВ. Од нив, секое трето лице не е свесно дека е
ХИВ позитивно што укажува на тоа дека најголем проблем во националниот
одговор кон оваа епидемија е недоволното тестирање“, апелираат од ХЕРА.

Со иста реакција е и Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество кој бара промена на одлуката со која се кратат средствата од прогрмата.

„Сите напори треба да бидат особено насочени кон рано дијагностицирање на ХИВ-инфекцијата, каде што земјата во моментот (34 отсто) значително заостанува зад светскиот просек од 16 отсто“, оценува советодавното тело.

Граѓанската платформа за ХИВ во тектот на минатиот месец ги поднесе следните барања:

  1. Итно да се коригира објавениот јавен повик за здруженија што ќе ги спроведуваат активностите за превенција на ХИВ во согласност со износите предвидени во Програмата за заштита на населението од ХИВ-инфекција за 2022 година, усвоена од Владата во февруари годинава;
  2. Владата и Собранието конечно да го гарантираат континуитетот на веќе воспоставениот систем за заштита од ХИВ.
  3. Поради големото доцнење на објавата на јавниот повик, Владата и Министерството за здравство преку интервентна поддршка да ги надоместат трошоците на здруженијата за првото тримесечје од 2022 година настанати поради нивното посветено одржување на националниот одговор кон ХИВ.

По барањата, во изминатиов период се одржа и протест под слоганот „НЕ за штедење од здравјето на луѓето“ каде директорката на Инфективната клиника, Милена Стевановиќ изјави:

„Потребна е итна интервенција на оваа одлука затоа што пациентите се тука. Тие дигаат глас за да нема нови пациенти. Ако на нас белите мантили, самите пациенти ни кажуваат дека превенцијата е најважна, тогаш ние како лекари не смееме да си го дозволиме луксузот тоа да не го слушнеме и професионално да изреагираме на кратењето на буџетот за превентивните мерки. Со тимот кој работиме на ХИВ превенцијата заедно со нашите сериозни партнери од граѓанскиот сектор, имавме сериозен успех. Најголем дел од времено откриените ХИВ случаи доаѓаат преку граѓанскиот сектор и нивниот систем на тестирање и советување во целата држава. Тоа е суштината“

На ова се надоврзуваат од граѓанската организација ХЕРА, за својата работа од која дел се и активностите за ХИВ тестирање; теренски и стационарни услуги за анонимно ХИВ-тестирање, советување, дистрибуција на средства за превенција на ХИВ и други крвно и сексуално преносливи инфекции, дијагностика и третман на сексуално преносливи инфекции, мобилни гинеколошки услуги, поддршка на луѓето што живеат со ХИВ и луѓето што се лекуваат од зависност од дрога и други комплементарни услуги.

„Тестирањето за ХИВ е единствениот начин да се дознае својот ХИВ – статус, а да се дознае што порано е важно, затоа што денес благодарение на терапијата за ХИВ, која е достапна и бесплатна кај нас на Инфективната клиника, луѓето со ХИВ може да живеат квалитетно и долго. Од друга страна, редовното земање на терапијата за ХИВ е и еден од најефективните начини на превенција на вирусот, заклучуваат од ХЕРА.