Без пристапна рампа до мензата во „Стив Наумов“, Дарко Стојановски беше приморан да јаде сам во соба

Откако пред десет дена Мета.мк најави и ја снимаше локацијата, студентската менза во „Стив Наумов“ експресно доби пристапна рампа, која домот ја обезбедил преку донација од компанија.

Дарко Стојановски / фото: Мета.мк

„Во периодот кога беше ладно и кога врнеше, среде дожд чекав пред менза додека вработените отидат да ми стават за јадење и се вратат. Доколку имаше рампа, би влегол и би јадел внатре во мензата“. Вака раскажува студентот Дарко Стојановски од Ржаничино, зборувајќи за предизвиците со кои се соочува за време на престојот во студентскиот дом „Стив Наумов“ во населбата Автокоманда. Тој е студент на втора година на Институтот за социјална работа на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) и годинава за првпат престојува во студентски дом.

Стојановски е корисник на инвалидска количка поради состојбата што ја предизвикува болеста Остеогенезис имперфекта, а вистински предизвик при секојдневното функционирање во студентскиот дом му е пристапот до студентската менза, кој досега беше практично оневозможен.

До денес, петте скалила пред вратата беа единствениот пат кој води до влезот на мензата во „Стив Наумов“. Отсуството на пристапна рампа го спречуваше Стојановски трите оброка во денот да ги конзумира во салата каде што јадат сите други студенти.

Откако пред десет дена Мета.мк најави дека ќе прави сторија и ја сними локацијата, студентската менза во „Стив Наумов“ експресно доби пристапна рампа, која домот ја обезбедил преку донација од компанија.

Влезот на мензата во студентскиот дом „Стив Наумов“  / фото: Мета.мк (снимена на 24 февруари 2022)

„Тука сум од оваа година и имам проблем со студентската менза каде што студентите земаат храна. Во овој момент нема рампа, и покрај тоа што на повеќе места се обратив за да се направи“, рече Стојановски на 24 февруари.

Тој престојува во студентскиот дом од октомври минатата година, а и покрај тоа што на повеќе наврати се обратил до надлежните со барање за поставување на пристапна рампа, нејзината изградба почна пред неколку дена. Дури откако екипата на Мета.мк побара дозвола и ја снимаше локацијата. 

Отсуството на пристапна рампа значи дека долг период не постоеше соодветен и еднаков пристап за сите студенти до студентската менза. Така, недвосмислено е јасно дека е извршена дискриминација според Законот за спречување и заштита од дискриминација. 

„Дискриминација е секое разликување, исклучување, ограничување или давање првенство што се заснова на дискриминаторска основа, со сторување или несторување, што имаат за цел или резултат спречување, ограничување, признавање, уживање или остварување на правата и слободите на одредено лице или група на еднаква основа со други. Ова ги опфаќа сите форми на дискриминација вклучително и оневозможување на соодветно приспособување и оневозможување на пристапност и достапност на инфраструктурата, добрата и услугите“, се вели во дефиницијата на дискриминација во Законот за спречување и заштита од дискриминација.

Дарко Стојановски / фото: Мета.мк

За предизвикот со кој се соочува, Дарко се обратил до сите засегнати институции – Државниот студентски дом „Скопје“ (ДСД Скопје), Министерството за образование и наука (МОН), Владата, Народниот правобранител, но и до Националното координативно тело за имплементација на правата на лицата со хендикеп и до Мониторинг телото за спроведување на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост.

„Од Народниот правобранител добив два мејла досега, дека е испратено барање до Државниот студентски дом и дека очекуваат одговор. Од Владата во декември ми се јавија да ме прашаат дали има некоја промена, им кажав дека нема. Ми понудија да ми го сменат студентскиот дом, да ме сместат во некој од останатите, но им кажав дека не ми одговара затоа што студирам на Филозофски факултет и во тој случај ќе треба да користам јавен превоз. Потоа ми се јавија од ДСД да ми кажат дека ќе биде средено тоа и оттогаш помина доста време“, раскажа Стојановски кога го снимивме.

Во меѓувреме, храната од мензата Дарко со канче во рака ја чекаше пред задниот влез во објектот. Таму, во остварувањето на правото на доручек, ручек и вечера, му помагаат вработените во студентската кујна во „Стив Наумов“.

Неможејќи да пристапи до мензата, тој храната досега ја јадеше во својата соба во студентските бараки.

„Имам броеви од некои од вработените во мензата и им се јавувам, им кажувам дека доаѓам. Земам канче од соба, одам кај службениот влез за вработените во мензата, тие излегуваат, ми ставаат во канчето јадење и се враќам во соба и јадам тука“, вели Дарко.

Најголем проблем за него, како што раскажа, било кога надвор е студено и врнежливо, па среде дожд морал да чека пред задната врата на мензата додека вработените излезат по неговото канче и се вратат со јадењето.

Задниот (службениот) влез во мензата каде Дарко пред врата ја чекал храната / фото: Мета.мк

Стојановски вели оти барал изградба на пристапната рампа што поскоро, не само за него, туку и за идните студенти – корисници на количка да ги немаат истите препреки со кои се соочувал тој и да можат да ја користат салата за јадење како и секој друг студент сместен таму.

„Една рампа е исто како една скала да се направи за ‘обичен’ човек да може да се качи. Ако ја нема скалата, човекот нема да може да се качи. И рампата е еден вид на скала која треба да се направи за луѓето да можат да стигнат некаде“, вели Стојановски.

Од Државниот студентски дом „Скопје“ за Мета.мк потврдија дека изградбата на пристапната рампа е во завршна фаза. Останува да се постави уште оградата, со цел рампата да биде безбедна за користење.

„По сугестија на студентот и Народниот правобранител, и покрај тоа што немаме средства за таква работа, успеавме преку фирма, како донација од нив, да направиме пристапната рампа. Изградбата е бетонска, според унифицирани стандарди за пристапност, така што денес уште оградата да се стави и ќе биде пуштена во функција“, вели Виктор Велевски, претседател на ДСД „Скопје“.

Велевски додава дека сите студенти треба да имаат еднаков пристап до храна и до секој аспект на студентскиот живот. За сите студентски домови под надлежност на ДСД, рече дека имаат пристапна рампа за лица со попреченост.

„Морам да напоменам дека зграда 3 од ‘Стив Наумов’ има пристап само до приземниот дел на објектот, а поради фактот што се работи за зграда изградена во 90-тите години, истата не е опремена со лифт кој би овозможил пристап на лица со физичка попреченост на горните катови. Со проектот за реновирање на зградите 1, 2 и 3 во ‘Стив Наумов’, се предвидува надминување на овој проблем со обезбедување на пристап на лица со физичка попреченост на сите катови од зградите, односно да може да бидат рамноправни во изборот и сместувањето на собите и од погорните катови“, вели Велевски.

Инаку, состојбата Остеогенезис имперфекта, позната и како болест на кршливи коски, е генетско нарушување на сврзните ткива кое се карактеризира со неможност за синтеза или процесирање на колаген тип 1, односно со зголемена склоност кон настанување на фрактури и намалена коскена густина.

Стојановски вели дека како еден еден од најактивните корисници на количка, е самостоен и нема никаков проблем да се движи низ дворот на студентскиот дом и во собата во бараката 7 во која престојува, а која е адаптирана на потребите. Раскажа како функционира во неа секојдневно, и како стигнува на прадавањата на Филозофскиот факултет, кој од студентскиот дом „Стив Наумов“ е оддалечен околу два километра. Викендите ги поминува во својот дом во Ржаничино со семејството, а оди и на пливање.